Од 28 февруари до 9 јули минатата година, осомничените незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на парцела во Визбегово на која за тоа немале соодветна дозвола
Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истрагата за големиот пожар што во јули минатата година избувна на отпад за старо железо во скопско Визбегово. Во врска со случајот поднесено е обвинение против три физички и едно правно лице за загрозување на животната средина и природата со отпад.

Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството наведуваат дека во периодот од 28 февруари до 9 јули минатата година, осомничените незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанци кои имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на парцела во Визбегово на која за тоа немале соодветна дозвола.
Истрагата на ОЈО Скопје утврдила одговорност кај сопственичка и управителка на обвинетото правно лице која заедно со второобвинетиот, кој учествувал во работата на правното лице, ги преземале незаконитите дејствија.
„Обвинение за дејствија од член 230 став 6 е поднесено и против уште една сопственичка на друштвото и на парцелата која не била свесна за можноста од настапување на штетна последица, иако според околностите на случајот и своето лично својство, била должна и можела да биде свесна за таа можност“,
наведуваат од Обвинителството.
Крајна последица од незаконските дејствија на обвинетите е и предизвиканата потенцијална опасност по животот и здравјето на луѓето поради горењето на опасниот отпад.
