Од партијата велат дека во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакале целосно да ја легализираат, но тоа, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, не им поминало

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ги обвини Зоран Заев и Венко Филипче дека имале за цел Македонија да ја претворат во светска туристичка атракција за канабис.
Според владејачката партија, СДСМ на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис во Македонија.
Од партијата велат дека во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакале целосно да ја легализираат, но тоа, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, не им поминало.
„Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот Регион се претворил во центар за производство на марихуана за медицински цели.
Според ВМРО-ДПМНЕ, доказ за тоа дека сè било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кој бил донесен во времето на СДСМ и каде што велат дека постои неусогласеност затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.
„Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП-нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет. Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар“,
се додава во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат итна интервенција од Јавното обвинителство, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат правда, а одговорните да одговараат пред законот за работењето на овој, како што го нарекуваат, картел.
Во акција на ОЈО ГОКК и МВР на територијата на Македонија досега се запленети над 40 тони дрога на повеќе локации во Скопје и во Струмица.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во првото официјално соопштение за акцијата, наведоа дека продолжуваат активностите во соработка со другите институции. Оттаму велат дека се сослушуваат и сведоци, во насока на прибирање релевантни докази и факти за постапката.
Паралелно со постапувањето на надлежните институции во врска со акцијата во која се запленети големи количества марихуана од фирми во земјава, продолжуваат и препукувањата помеѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ за одделни аспекти на случајот, како и за тоа кај кого лежи одговорноста за случајот, кој засега, најверојатно сè уште е во фаза на предистрага.
Експремиерот Заев се закани со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ во врска со нивните тврдења дека тој е вмешан во случајот со заплената на околу 40 тони марихуана во земјава.
