Тој побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, бара од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Обвинителството да поведат постапка против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска.
Пратеничката вчера на нејзиниот фејсбук-профил објави видео, а во описот вели дека Трендафилов со службено возило на ССМ обавува приватни обврски. Притоа во видеото се прикажува како Трендафилов со неговите две деца влегува во автомобил.
Трендафилов денеска на прес-конференција рече дека Стојаноска „му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“.
Тој побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Трендафилов барање за реакција против пратеничката упати и до министерот Панче Тошковски притоа прашувајќи го „Дали службите го следат претседателот на ССМ и му ги снимаат децата?“. Тој побара и апсења за сторителите.
Според Трендафилов, јавниот обвинител треба да покаже дека правдата е еднаква за сите.
Тој вели дека објавувањето малолетни деца е злоупотреба и не е дозволено никаде во светот.
„За жал тоа не е само еден ден, тоа е континуирано цела мината година. Нормална влада во нормална држава за ваква работа паѓа. Во нормална држава пратеничката веќе ќе беше во затвор. Ако децата не ние се безбедни бидејќи бараме повисоки плати, прашуваме кој е следен, што планираат следно да направат“,
додаде тој.
Претседателот на ССМ најави дека за овој случај ќе ги извести сите амбасади, Делегацијата на ЕУ, братските синдикати на Меѓународната и Европската конфедерација на синдикати и Меѓународна организација на трудот (МОТ).
На денешната прес-конференција Трендафилов ја најави утрешната блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата, а која ќе почне во 12 часот.
„Да не се грижат. Повторно ќе бидеме 21 претставник на Синдикатот, онолку колку што е потребно согласно законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Пред Стопанската комора ќе блокираме газди кои ги блокираат работниците 36 години. Газди кои одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а ’кукаат’ дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не можат да ги задржат“,
рече Трендафилов.
Тој вели дека ќе блокираат газди „кои се исплашија од нападите на Владата и од политичките партии“ и додаде дека блокадите ќе траат се додека не се донесе одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за 6 000 денари.
Трендафилов ги повика работниците кои утре ќе можат да им се придружат барем и на пет минути затоа што, како што рече, другите ги бројат.
Најави дека по завршување на блокадите ќе повикаат на голем работнички протест за кој кој има организиран превоз од сите градови и ќе се даде шанса на сите работници.
„Протестот ќе биде организиран во неработен ден за да излеземе многу повеќе од 21 човек на улица пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор доколку и понатаму продолжат со игнорантскиот однос“,
изјави Трендафилов додавајќи дека има плата од 57 000 денари и нема да се откаже се додека не се постигне зголемување на работничките плати.
