Според австриските медиуми, за време на вечера во ресторан, Бригит Бирлајн испила повеќе алкохолни пијалаци, по што со автомобилот тргнала дома. Таа го презема кормилото на преодната влада во Виена овој период минатата година, по аферата „Ибица“
На поранешната австриска канцеларка и претседателка на Уставниот суд Бригит Бирлајн ѝ е одземена возачката дозвола бидејќи возела под дејство на алкохол.
Според австриските медиуми, за време на вечера во ресторан, таа испила повеќе алкохолни пијалаци, по што со автомобилот тргнала дома.
Пред полноќ полицијата ја сопрела и направила алкотест кој покажал дека има 0,9 промили алкохол во крвта, поради што ѝ е одземена возачката дозвола, а треба да плати и висока парична казна, пренесува МИА.
„Многу ми е жал што, по една вечер помината со пријателите, и покрај тоа што пиев алкохол, седнав во автомобилот. За време на контролата, алкохолизираноста ми беше повеќе од 0,8 промили. Моето однесување не одговара на функцијата. Навистина ми е жал“,
изјавила Бирлајн.
Како прва канцеларка во историјата на повоена Австрија, таа управуваше со државата седум месеци, по корупцискиот скандал „Ибица“ и падот на владата. Иако важи за личност со конзервативни политички определби, Бирлајн во мај минатата година беше поставена на чело на преодната влада во Австрија како натпартиска личност.