Државната служба за вонредни состојби на Украина (ДСНС) објави на социјалните мрежи дека во напад со руски дрон целосно е уништена приватна куќа, по што избувнал пожар кој се проширил на повеќе од 60 квадратни метри
Во руски напад со дрон врз Богодухив во Харковската Област загинаа три деца и еден маж, додека нападите врз Запорожје предизвикаа пожари и прекини во снабдувањето со електрична енергија, соопштија украинските власти.

Државната служба за вонредни состојби на Украина (ДСНС) објави на социјалните мрежи дека во напад со руски дрон целосно е уништена приватна куќа, по што избувнал пожар кој се проширил на повеќе од 60 квадратни метри.
„Непријателот уште еднаш со ударен дрон го нападна приватниот станбен дел на Богодухив. Погодена е куќа, која е целосно уништена“,
соопшти ДСНС.
Во нападот загинаа две момчиња на возраст од една година и двегодишно девојче. Спасувачите ги извлекоа нивните тела од урнатините. Животот го загуби и 34-годишен маж.
Началникот на Харковската регионална воена управа, Олех Сињегубов, изјави дека се повредени уште две лица, 35-годишна трудница и жена постара од 70 години.
Ова е втор смртоносен напад врз Богодухив во последните неколку дена. Руските сили на 9 февруари го погодија градот, при што загинаа десетгодишно момче и неговата мајка по уривањето на нивната куќа.
Руски беспилотни летала доцна синоќа го погодија и Запорожје, каде што предизвикаа голем пожар и масовни прекини на струја. Началникот на Запорошката регионална воена управа, Иван Федоров, рече дека нападот бил насочен кон инфраструктурен објект, поради што во два реона без струја првично останале повеќе од 11 000 корисници.
Тој наведе дека обновата на греењето во едно подрачје би можела да потрае, додека целосното воспоставување на снабдувањето со електрична енергија се очекува наскоро. До утрово повеќе од 2 000 корисници сè уште биле без струја.
Федоров исто така информира за оштетување на болничко одделение во друг ноќен напад со дрон, при што биле скршени прозорци, но немало жртви. Во Вилњанск, во Запорошката Област, дроновите во текот на ноќта оштетиле и уништиле приватни куќи. Повредени се две жени, на возраст од 19 и 77 години, на кои им е укажана лекарска помош.
Според податоците на украинското воено воздухопловство, Русија од 18:30 часот на 10 февруари лансирала 129 јуришни дронови, вклучувајќи летала од типот „шахед“, „гербера“ и „италмас“. Околу 80 од нив биле дронови „шахед“. Противвоздушната одбрана соборила или неутрализирала 112 дрона. Сепак, 15 ударни беспилотни летала погодиле осум локации ширум земјата.
