„Од разгледаната медицинска документација, одделни ретки наоди беа структурирани, но во голем број наоди беше забележано дека пациентот добива лек, а нема забележани какви потешкотии има, значи без анамнеза и без клинички преглед и какви се протоколите. Генерално гледано, целокупната документација беше многу нецелосна“, кажа вештакот Маја Равник од Медицинскиот факултет „Марибор“ во Словенија
Од прегледаната документација се гледа дека промените во лекувањето не биле соодветно бележани и многу пати без никакво објаснување, кажа сведокот Маја Равник од Медицинскиот факултет „Марибор“ во Словенија. Таа, денеска беше сослушана во Основниот кривичен суд Скопје во продолжението на судскиот процес за случајот „Онкологија“, во кој за несовесно лекување пациенти е обвинет поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев заедно со уште двајца лекари онколози.

Равник, која заедно со асистентката Јасмина Јордан го изработиле вештачењето, во судницата одговараа на прашања на Основното јавно обвинителство Скопје во однос на медицинските критериуми и протоколите за определување онколошка терапија. Вештите лица во Словенија работеле на вкупно 51 медицинска документација, врз основа на која го изготвиле вештачењето.
Таа одговараше и на прашања во врска со мислењата од изработеното вештачење.
Секоја промена на лекот или дозата мора да биде јасно забележано и од која причина, а конзилијарното мултидисциплинарно одлучување, како што посочи вештакот, е златен стандард на доброто онколошко лекување.
Прашана дали во досиејата што ги разгледале забележале конзилијарно одлучување при определување или промена на терапија, таа рече дека при прегледаните 51 медицинска документација, само во една имало запис од мултидисциплинарен конзилиум.
„Од разгледаната медицинска документација, одделни ретки наоди беа структурирани, но во голем број наоди беше забележано дека пациентот добива лек, а нема забележано какви потешкотии има, значи без анамнеза и без клинички преглед и какви се протоколите“, рече вештакот.
Сведокот рече дека имало пациенти без редовни амбулантски прегледи, и тоа било забележано само во мал дел од документацијата што била предмет на вештачење.
Телесната висина и тежина на пациентите биле бележани само во мал број случаи, најчесто кога во документацијата имало терапевтски лист. За коморбидитетот, вештакот кажа дека во документите што ги анализирале имало уште помалку податоци.
„Генерално гледано, целокупната документација беше многу нецелосна“,
рече сведокот, пренесе МИА.
Како што нагласи Равник, при определувањето терапија на пациентите, најважен е хистолошкиот наод за видот на ракот, како и дополнителните генетски и молекуларни анализи, стадиумот на болеста, коморбидитетот и здравствената состојба на лицето што се лекува.
Лекот, како што посочи, не може да се аплицира без соодветна индикација, која се проверува преку различни клинички студии и докажана добробит при лекувањето онколошки пациенти.
„Онколошките пациенти имаат тешка болест која бара употреба на различни тераписки пристапи, кои кај пациентот може да бидат и токсични, односно штетни и можат значително да влијаат врз неговиот квалитет на живот. Системското лекување, да речеме, може да биде опасно по живот и можен е смртен исход. Секоја болест е опасна, но во лекувањето онколошки болести користиме токсични лекови, што не е случај со други болести“,
рече вештакот.
По исклучок, како што појасни, може да се употребат различни лекови што покажале студиски добробит на пациентите, а уште не се предвидени во протоколот, но таков случај мора да биде разгледуван на мултидисциплинарен конзилиум и за такво лекување мора да се побара мислење од Фондот.
„Ако се работи за акутна болест, во периодот на акутното воспаление се прекинува онколошката терапија додека трае воспалението. Исто така, ако општата здравствена состојба е лоша, може да се очекуваат повеќе компликации, и затоа при секое продолжување, а не само при определување на терапијата, ја оценуваме општата здравствена состојба по повеќе различни критериуми, пред да се продолжи со онколошко лекување“,
кажа вештото лице.
Повеќето онколошки лекови се дозираат врз основа на телесната маса и висина на пациентот и затоа нивното мерење е предуслов за соодветна терапија.
„Обично телесната тежина се намалува и доколку дозата не се приспособува доаѓа до предозирање, или ако пациентот се поправи, во тој случај ја прави неефикасна“,
посочи вештакот Маја Равник.
Коморбидитетот, исто така, може значително да влијае на општата здравствената состојба и бара друга редовна терапија, што, пак, влијае на ефикасноста на онколошката терапија.
Ако се забележи лоша здравствена состојба на пациентот, според вештакот, соодветен избор е палијативната нега – без соодветна онколошка терапија.
Агресивна онколошка терапија, како што нагласи, не се дава пред смрт на пациентот, посочувајќи дека тука спаѓаат хемотерапија, биолошка и имунолошка терапија.

Во однос на стручноста, Равник на почетокот нагласи дека во текот на 2011 го положила европскиот испит за интернистичка онкологија, во 2012 положила специјалистички испит од интернистичка онкологија и од тогаш работи во Клиничкиот центар „Марибор“ како прв онколог, а од 2016, кога е формиран одделот, е негов началник. Од 2022 година е национален координатор за специјализација во Словенија.
Одбраната на Нино Васев, пред почетокот на денешното рочиште до Судот достави вешт наод и мислење од вештото лице Владимир Даниловски.
Предметот „Онкологија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска. За сослушување на вештите лица од Словенија се закажани повеќе рочишта во текот на оваа недела. Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот и беше осудена на условна казна од две години.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката, Нехад Нухи се води судски процес, во јавноста познат како „Онкологија 2“, во кој тие се товарат дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
