Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење, толерирани се 22 434 возила
За една недела се регистрирани речиси 5 000 сообраќајни прекршоци преку „Безбеден град“, од кои најмногу се за брзо возење, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), откако на 1 февруари почна санкционирањето на граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на овој систем.

Според МВР, во периодот од 2 до 8 февруари на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, системот „Безбеден град“ регистрирал вкупно 4 991 прекршок.
„Од тој број, 641 се мерка за сторен прекршок од страна на возачи што управувале со возило со странски регистарски ознаки. Од вкупниот број на регистрирани прекршоци, најголемиот број се за управување со возило со поголема брзина од дозволената или 4 674 прекршоци. За минување на црвено светло се 163, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 154 прекршоци“,
се вели во соопштението од МВР.
Изречени се вкупно 288 мерки за забрана за управување со возило, од кои 163 се за минување на црвено светло, а 125 за брзо возење.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење, толерирани се 22 434 возила.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се придонесе за посигурни и побезбедни патишта.
Преку системот „Безбеден град“ се детектираат четири типични сообраќајни прекршоци како непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола.
