Пред нас е период од многу повеќе од една година во кој за се што ќе се спроведе ќе има одреден протокол, изјави министерот за здравство
Имаме сосема доволна количина заштитна опрема за сите лекари и членови на избирачките одбори кои би требало да ги спроведат изборите. Како што беше побарано од ДИК, ние го дадовме списокот на здравствените работници кои ќе ги спроведат изборите на сите оние луѓе кои се на домашно лекување, во изолација, и на луѓе со хронични болести за да им се олесни пристапот до гласањето, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Тој вечерва во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 рече дека освен што постои доволна количина на заштитна опрема за сите кои ќе ги спроведат изборите, изработен е и соодветен протокол. Тој, како што рече, се базира на исти принципи за организација на сите настани.
„Комисијата за заразни болести изработи протоколи на барање на претседателот на дражавата, кој по лидерските средби побара известување како би се извеле изборите. Можам да кажам дека тој протокол, практично, се базира на истите принципи за организација на каков било настан, без разлика дали е во надворешни или внатрешни услови, при што се запазуваат овие принципи на дезинфекција, маска и дистанца“,
посочи Филипче
Филипче информира дека имале состанок со ДИК, така што последното барање е да се направат одредени измени во мерките. Сетоа тоа, како што рече, ќе се финализира во следниве два до три дена.
До пронаоѓање вакцина, како што рече министерот, сите избори, не само кај нас, туку каде било во светот ќе се спроведуваат со протокол.
„Не само за изборите, туку за се постојат протоколи. Пред нас е период во кој мора да научиме да живееме со вирусот. Протоколите сега важат и за рестораните, за сите организатори на различни семинари, за автошколи, спортски настани, тренинзи, базен. Пред нас е период од многу повеќе од една година во кој за се што ќе се спроведе ќе има одреден протокол“,
нагласи Филипче.