Сејдини е санкциониран поради злоупотреба на својата положба во врска со авансна исплата во износ од околу 700 000 евра кон фирма изведувач задолжена за изградба на трибина на охридскиот стадион „Билјанини извори“
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска соопшти дека му изрекла дисциплинска санкција на својот поранешен претседател Муамед Сејдини поради финансиска измама поврзана со градежни работи на стадионот во Охрид.

Дисциплинската комисија на ФФМ, како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Федерацијата, му изрекла дисциплинска мерка забрана за вршење функција во траење од две години на Сејдини, кој е делегат на Собранието на ФФМ, а поради сторено дејствие измама и доведување во заблуда орган на Фудбалската организација, согласно член 84 од Дисциплинскиот правилник.
Сејдини е санкциониран поради злоупотреба на својата положба во врска со авансна исплата во износ од околу 700 000 евра кон фирма изведувач задолжена за изградба на трибина на охридскиот стадион „Билјанини извори“.
„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ на 27 ноември 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ‘Енергоинвест трејд’ ДОО Скопје за изградба на трибина на стадионот ‘Билјанини извори’ во Охрид, во износ од 202 919 610 денари, без услов за авансно плаќање, и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда. Спротивно на донесената одлука, Сејдини на 3 декември 2024 година, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти, што било извршено без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“,
се наведува во соопштението на ФФМ.
Со ваквото постапување, Дисциплинската комисија утврдила дека Сејдини го измамил и го довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и нанел сериозна материјална штета на Федерацијата, се додава во соопштението.
Муамед Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати од 2019 до 2025 година.
