„Од самиот почеток укажував дека обвинението е правно и фактички неосновано, дека постапката е оптоварена со сериозни процесни пропусти и дека не постојат докази што би ја поткрепиле тезата за измама или перење пари“, наведува бизнисменот во писмено соопштение до јавноста
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) лани во декември го повлекло обвинението против бизнисменот Цветан Панделески во предметот „Империја“, објави вчера порталот „Призма“. Информацијата, како што пишува електронското издание на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) во земјава, ја потврдиле од Основниот кривичен суд Скопје.

Обвинението го повлекол обвинителот Фатон Азизи, кој во доказната постапка оценил дека нема докази дека Панделески перел пари и измамил 150 акционери на фирмата „Бетон Штип“, меѓу кои и Кираца Трајковска, која беше поголем акционер во компанијата.
За повлекувањето на обвинението денеска преку писмено соопштение до јавноста, се огласи и самиот Панделески, кој вели дека овој исход за него не претставува победа, туку институционална потврда дека правото и фактите, и покрај сè, мора да надвладеат.
Бизнисменот наведува дека по одлуката на ОЈО ГОКК се потврдило она што тој, како што вели, континуирано јавно и аргументирано го посочувал во текот на целата постапка – дека против него не постојат релевантни докази за сторено кривично дело.
„Од самиот почеток укажував дека обвинението е правно и фактички неосновано, дека постапката е оптоварена со сериозни процесни пропусти и дека не постојат докази што би ја поткрепиле тезата за измама или перење пари“,
наведува Панделески во соопштението.
Во дел од дописот до медиумите, тој подетално се осврнува на текот на постапката посочувајќи дека против него се воделе постапки по две обвиненија. Првото за наводна злоупотреба на положбата и оштетување на акционерите на „Бетон Штип“, во кое обвинителството тврдеше дека има околу 150 оштетени лица, а другото за наводна измама и перење пари во однос на Кираца Трајковска.
„По јасна изјава од страна на Трајковска, дека никогаш немала контакт со мене, како и по изјавите на 14 акционери од ‘Фершпед’ дека ниту тие никогаш немале разговор или каков било однос со мене, стана очигледно дека не постои ниту фактичка ниту правна основа за продолжување на обвинителниот акт“,
наведува Панделески.
Со повлекувањето на обвинението, според бизнисменот се потврдиле три работи, дека не постои доказ не презел дејствија со намера за прибавување противправна имотна корист, дека постои доказ, оти довел во заблуда кого било ниту, пак, дека имал влијание врз одлуките на акционерите или управувањето со нивниот имот.
Тој вели дека оваа повеќегодишна постапка оставила сериозни последици врз неговиот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со кои е поврзан.
Во наредниот период тој најавува детална анализа на сите последици од постапката, по што ќе одлучи за понатамошните чекори, вклучително и за начинот на исправање на нанесената штета и неговиот иден деловен ангажман.
„Очекувам овој случај да послужи како сериозно предупредување за значењето на почитувањето на основните принципи на правична постапка, законитост и професионална одговорност во работењето на институциите, особено во предмети со висок јавен и економски импакт. Како бизнисмен со повеќедецениско искуство и без ниту една дамка во своето професионално портфолио, укажувам дека обвинителството секогаш мора да води сметка за интегритетот на лицата, бидејќи штетата од вакви постапки не се нанесува само врз неправедно обвинетиот, туку и врз целото општество“,
наведува Панделески на крајот на соопштението.

„Империја“ е еден од најголемите случаи на поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО) кој, освен за Панделески, се водеше и против штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и брокерот Јованче Тасковски.
Митровски призна вина и доби условна казна. Тој и фирмата опфатена со обвинението, во буџетот требаше да вратат еден и пол милион евра. Но, по измените на Кривичниот законик од 2023 година, и одлуката на Апелацискиот суд во Скопје за укинување на првостепената пресуда, обвинителството го повлече обвинението за Митровски и во еден дел за Панделески.
И покрај законските измени, предметот се судеше за другите кривични дела измама и перење пари за Панделески и Тасковски.
Обвинителот Азизи, кој го наследи предметот во текот на доказната постапка, утврдил дека не може да опстои ниедно од двете дела за Панделески.
„Од ниту еден доказ не произлегува дека обвинетиот презел дејствија со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, доведувајќи во заблуда акционери, ниту, пак, ги држел во заблуда или ги навел да сторат или да не сторат нешто на штета на нивните имоти или туѓ имот“,
напишале во одговорот од Обвинителството до БИРН.
