На средината на јануари, државната МИА објави список од тројца странски експерти и неофицијални реакции за загриженост на членови на домашната комисија за испитување на спорните операции на срце поради составот на странска комисија за истата работа. На 23 јануари, од советот на министерот, се повлече интервентниот кардиолог и академик Сашко Кедев кој и ја иницираше целата постапка за проверки
Министерот за здравство, Азир Алиу, вели дека смениле еден член на странската комисија по укажување на домашните експерти. Во однос на работата на комисија, уверува дека нема одолговлекување на работите. Најавува зголемена динамика во претстојните недели откако се надминати најголем дел од административните процедури потребни да се вклучат странците
360 степени: Министре, на средината на јануари Државната агенција МИА беше првата којашто го објави списокот на странските експерти, нешто што вие не го демантиравте. Пред неколку дена вие како Министерство за здравство за прв пат го објавивте истиот список, но се разликуваше за едно име. Наместо еден интернист којшто беше на претходниот список објавен од МИА, сега имаме интервентен кардиолог. Зошто беше направена оваа промена?

Азир Алиу: Целата методологија од почетокот на оваа работа – прво, интерна експертска група којашто беше креирана од здравство, идејата беше да бидат стручњаци и да работат и да имаме материјал којшто нема да биде оспорен прво од експертите во државата. И вториот момент беше по мое барање да имаме странска експертиза, максимум од тројца експерти коишто ќе направат „peer review“ на целиот материјал, се со цел на крај кога ќе имаме конечен извештај, истиот да не биде оспорен и да биде релевантен како за стручната јавност, така за граѓаните, но исто така и за нас како Министерство, се со цел да може истиот да биде после патоказ за евентуални промени во протоколите во или некој од законите во Министерството. Точно е тоа дека ние по таа методологија, од првичната направена анализа за странски експерти коишто навистина сакавме два индикатори да бидат клучни: првиот да се меѓународни експерти не само во нивната држава, и вториот да немаат воопшто комуникација професионална со нашата држава или со некои од клиниките коишто даваат такви услуги. И после CV-јата коишто ги одбравме ние од листа на CV-ја, ги споделивме со внатрешната група на нашите експерти којашто е составена од 15 луѓе – 9 од нив се експерти, додека другите се административни потпомошни луѓе коишто административно помагаат во овој процес. По барање на стручната комисија, рекоа дека треба да има и интервентен кардиолог, така да едно од имињата се смени со друг експерт од надвор, интервентен кардиолог, се со цел да може групата којашто е внатрешна да биде задоволено барањето за да имаме интервентен кардиолог. И тоа е точно. Сега денеска и веќе е официјална таа листа на експерти, веќе е објавена. Можам јас да ги читам имињата од тие експерти коишто се веќе вклучени како надворешна група. Тоа е доктор Уголино Ливи, којшто е кардиохирург од Италија, тој е професор, искусен редовен професор таму којшто работи и во Универзитетот од Удине, бил исто така ангажиран и меѓународно на слични проекти исто така и во Соединетите Американски Држави за таков тип на експертизи. Вториот експерт е доктор Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, исто така долгогодишен експерт во областа, исто така универзитетски професор. И третиот е Черчек, доктор Черчек Миха, интервентен кардиолог, исто така од Словенија, со меѓународно искуство, со експертиза и во Соединетите Американски Држави. И ценам дека со ваков профил на луѓе ќе имаме добро „peer review“ на целиот материјал којшто е веќе како драфт верзија како извештај од внатрешната група. Ценам дека наредната недела ќе се видат заедно и ќе одат по таа методологија уште еднаш да ги анализираат…
360 степени: Ќе се навратиме на тоа малце подоцна, само би ве допрашал – доктор Миха кога е воведен во оваа Комисија?
Азир Алиу: Миха е воведен во оваа комисија во втората фаза, по барање на нашата внатрешна група на експерти, заради тоа што недостигаше интервентен кардиолог.
360 степени: Да, ама зборуваме – Се случи тоа деновиве, или пред недела-две?
Азир Алиу: Не знам, бидејќи нели го водат стручни лица од кај нас и администратори, временски не знам точно кога тоа се случи. Како и да е, целата процедура е и целата методологија е всушност концентрирана на експерти и на взаемна потреба од внатрешната и надворешната комисија.

360 степени: Јавно не е многу познато за методологијата, така што би ве прашал еве можеби преку еден пластичен пример. Домашната комисија дојде до заклучок дека од 19 предмети или случаи како ќе ги наречеме, во 10 од нив констатираат дека се направени операции коишто не би требало да се направат. Што ќе се случи доколку еве сега странската група експерти каже дека сепак тоа не е така?
Азир Алиу: Затоа беше овде обемна работа. Прво, сите материјали, од мултимедијалните материјали до административни и клинички, ги собравме на едно место, ги преведовме на англиски јазик. Тие материјали веќе се ставени на клауд инфраструктура за да може надворешните експерти да имаат пристап да ги анализираат. Затоа наредната недела заедно внатрешната и надворешната стручна комисија ќе седнат уште еднаш, ќе одат чекор по чекор за да ги анализираат уште еднаш сите и административно и клинички случаеви. И на крај тие треба да одлучуваат согласно кои од предметните материјали вреди да се анализира уште еднаш, можеби подетално, или дали се точни или неточни првичните наоди.
360 степени: Колку од членовите на домашната комисија имаат право на глас, извинете?

Азир Алиу: Девет членови на внатрешната комисија имаат право на глас. Ако сакате и тие можам да ги читам имињата, од кои институции се. Значи тие се од внатре, тука пазевме исто така да има и членови од приватните здравствени институции, но исто така кога тие ги анализираа случај по случај, имаше и доктори коишто биле дел од таа клиничка процедура за тие пациенти коишто беа дел од такви состаноци, се со цел ако има прашања од страна на комисијата, тие да можат да одговараат како административно, така и клинички.
360 степени: Теоретски, од ова што ми го кажувате, може да се случи за овие 10 случаи, откако и странските експерти ќе ги разгледаат, повторно да се гласа и мнозинството да одлучи дека е спротивно?
Азир Алиу: Теоретски може да се случи. Значи затоа сакавме тројцата странски експерти коишто навистина ако ги гледате CV-јата се стручни и се интернационални. Ценам дека… јас и верувам многу во професионалноста не само на докторите, на секоја професија. Таков стручен кадар, таков профил, јас не верувам дека може да попушти ако не верува во нешто што е спротивно на професијата, нарочито не кај докторите. И не во ваков случај кога јавноста навистина сака да ја знае вистината, ние како Министерство за здравство исто така, но исто така и институциите. Знаете, и за нив не е лесно да има отворен случај којшто не е стручно завршен, бидејќи на крајот од денот кога ќе имаме краен извештај, тој извештај ќе биде позитивен не само за нас и за јавноста, туку и за здравствените институции.
360 степени: Ова прашање можеби требаше и порано да се постави, но еве бидејќи сега ќе се соочиме можеби со ситуација каде што домашните и странските експерти ќе имаат различни мислења – зошто ако велите дека имате доверба во домашниот кадар, имаше потреба и од странци
Азир Алиу: Заради тоа што прашањето беше толку сензитивно и се отворија толку големи дилеми коишто за жал придонесоа кон да бидеме многу повеќе претпазливи отколку што би било во нормална ситуација. Вие сте потполно во право. Лично ако ме прашувате мене, доволно беше да имаме девет стручни лица од нашата држава да ги работат предметите, да имаме краен извештај и после да работиме по тој извештај. Но уште еднаш, бидејќи прашањето беше толку високо подигнато, навистина сакав, и тоа беше по мое барање, да нема воопшто ниту една дилема ниту од стручните профили во државата, ниту од јавноста, ниту од кај нас од Министерството.
360 степени: Кога разговаравме на оваа иста тема во септември 2025 година, да не ја цитирам сега вашата изјава, но начелно кажавте дека се надевате дека додека работи експертската комисија, домашната експертска комисија, дека Лекарската комора ќе почне да прави „ad hoc“ проверки директно во болниците на по неколку случаи. Вашите последни изјави се во насока на тоа дека ќе се заврши прво овој конечен извештај, па дури потоа ќе се продолжи со тие проверки во болниците. Дали се смени нешто во однос на методологијата, бидејќи ако се споредат тие две изјави, остава впечаток како да се сменила можеби стратегијата во однос на овие теренски проверки?

Азир Алиу: Не, стратегијата и методологијата не е сменета. Грешка сте, јас сум рекол дека комисијата ќе продолжи со втората фаза за да „ad hoc“ провери клинички и административни случаеви во сите здравствени институции, додека Лекарската комора по мое барање веќе е на терен, веќе проверени се неколку институции, веќе работат, мислам дека и од државните здравствени институции, од приватните здравствени институции. Тие имаат резултати веќе. Барав од нив кога ќе имаат краен резултат да ни го пратат. Така да тие се два паралелни процеси, не се поврзани еден со друг. Јас реков тогаш заради внатрешната комисија кога веќе ќе имаме краен извештај од првата фаза, тие физички ќе одат до здравствените институции за да може уште еднаш по три случаеви за секоја година, значи последните три години, всушност девет по број, „ad hoc“ да ги проверат дали сите процедури административни и клинички се запазени.
360 степени: Имавте гостување неделава на телевизија Телма, меѓу другото индиректно кажавте дека последниот состанок на домашната комисија е одржан пред одржувањето на прес-конференцијата којашто се случи на 14-ти ноември. Тоа значи дека три месеци таа комисија се нема сретнато. Со кој збор би го опишале еве тие три месеци неактивност, освен со одложување на работите, како што се сомневаат дел од експертите, вклучувајќи го и човекот којшто го потегна цел овој случај?
Азир Алиу: Ние комуницираме со групата, имаме канал на комуникација. Значи физички не сме се виделе, но комунициравме еве и за CV-јата на стручните странски експерти коишто ќе бидат вклучени во втората фаза како „peer review“. Исто така баравме време за да може да се преведат сите материјали за да може експертите од надвор да имаат пристап да ги анализираат. Тоа не е пасивно.
360 степени: Да, но ве потсетувам на 19-ти декември исто изјавивте на прес-конференција дека се преведуваат материјалите и дека очекувате до крајот на следната недела, мислејќи пред Нова година, дека ќе се одржи првата средба. Еве поминаа речиси два месеци, средба сеуште нема.
Азир Алиу: Така е. Прво вака, овој случај толку сензитивен, има материјали коишто сакаме… ние не брзаме со времето. Мене воопшто не ми е битно дали крајниот извештај ќе биде за една недела или за месец или за два. Битно ми е дека тој краен извештај ќе биде квалитетен и ќе ни дава насока што понатаму. Исто многу ми е битно тој краен извештај да биде прифатен од двете комисии. И тоа ми е најбитно во овој случај, бидејќи навистина ценам дека времето во оваа фаза е многу помалце битно отколку квалитетот на тој документ којшто ќе излезе од таа стручна комисија. Исто така, толку голем материјал за преведување, целата процедура исто така за ставање на клауд инфраструктура бара дополнителни процеси коишто ќе се филтрираат, ќе знаеме логови на луѓе коишто ќе пристапат до тој материјал. Треба да имате во предвид дека се работи за многу сензитивен материјал којшто има внатре цедеа, значи мултимедијален материјал.
360 степени: Ве разбирам, но самите рековте на крајот на декември дека ќе се видите за една недела, заради тоа ви го поставувам ова прашање. Претпоставувам тогаш сте имале некаква проценка кога ќе завршат со таа работа.
Азир Алиу: Битно беше јас сакав да се видат… да се запознаваат едни со други. Но се одлучи и заради активностите и заради тој тајминг пред и после Нова година, првата средба да биде работна средба, не само запознавање помеѓу внатрешната и надворешната комисија. И таа еве најавувам дека ќе биде наредната недела, работна средба помеѓу двете работни групи.

360 степени: Една од приватните болници коишто врши кардиохируршки интервенции на сметка на Фондот, неодамна одржа еден меѓународен симпозиум на којшто присуствувавте и вие. Пред неколку дена по оставката на доктор Сашко Кедев, тие соопштија дека на тој симпозиум биле разгледувани дел од случаевиве и на којшто било заклучено дека таа болница не направила непотребни операции. Дали е точно дека сте разгледувале такво нешто на тој симпозиум?
Азир Алиу: Значи јас на симпозиумот бев првите 30 минути, отворив симпозиум. Јас сум министер за здравство и одам по симпозиуми, конференции, отворања на нови активности, инфраструктурни, функционални. Што е разговарано и што е анализирано од стручна гледна точка, знаете јас дека не сум ни доктор по медицина. Но на крајот на денот, тоа е надвор од таа методологија што е дефинирана. Колку и да се стручњаци анализираат анализи на клинички случаеви заради симпозиум или дел од симпозиумите, тоа е процес којшто воопшто нема врска со процесите коишто ние ги имаме во Министерството и дефинирани од страна на Министерството. Така да тие се активности коишто не зависат од нас. Најверојатно тие мислат за локалните, значи таа е здравствена институција којашто има нуди таков тип на здравствени услуги. Најверојатно мислат за процесите, пациентите коишто им се дел од таа институција. Сите процеси и сите материјали стојат и физички кај нас во нашиот кабинет и таму нема допирни точки и нема пристап ниту еден од и од стручната комисија, освен што доаѓаат на работна средба тука, во истиот момент се отвораат цедеата, се читаат, се анализираат. Административната процедура оди по во текот на за секој процес, значи временска рамка се анализираат сите процеси кога е отворен налогот, кога е затворен, дали протоколите се следени како што се дефинирани и така натаму. Најверојатно мислат, немам информации, за некои од случаевите коишто им биле дел од анализата во стручната комисија и сакаат да споделат или да бараат второ мислење од меѓународни стручни лица.
360 степени: За крај би ве замолил за што е можно попрецизна рамка за чекорите коишто ќе следат понатаму. Веќе најавивте средба со странската комисија, така што би ве замолил колку средби очекувате, во кој период, кога го очекувате конечниот извештај и кога очекувате почеток на посети директни „ad hoc“ во болниците и донесување на евентуални заклучоци, препораки, па дури и промена на протоколи?
Азир Алиу: Така. Значи прво што можам да ве уверам е дека наредната недела ќе има прва работна средба помеѓу внатрешната и надворешната комисија. Понатаму колку ќе имаат средби, тоа и не е добро да се дефинира, бидејќи ќе зависи… може да завршат за ден-два, може да им треба повеќе, зависи од тоа што кажавте дали мислењето на стручната комисија од Македонија е исто со мислењето на стручната комисија од странство. Можеби ќе имаат дилеми, ако немаат дилеми брзо ќе завршат со сите 10 случаеви. Исто така после тоа ќе имаме краен извештај којшто краен извештај ќе биде дел од нашата веб-страна, но исто така ќе имам јас лично како министер прес-конференција за тој краен извештај. Понатаму завршува работата на странската стручна комисија, ќе продолжи нашата локална интерна комисија за да оди на терен, значи во тие клиники коишто нудат таква здравствена услуга. И динамиката кога ќе завршат навистина не би можел да кажам, бидејќи не зависи само од материјалите, туку зависи од времето, слободното време коишто го имаат докторите и кај нас. Тие се девет по број, треба да ги координирате кога се слободни за да можат да одат по одредени здравствени институции.
