Таа кажа дека имало и проекти со странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветно на барањата на пазарот на трудот или нивните лични потреби

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека доволно е минимално, основно образование за да може некој да полага за да добие возачка дозвола. Изјавата на Јаневска е во врска со протестите на Ромите што бараат да бидат ослободени од обврската да полагаат возачки испит бидејќи се неписмени.
Според Јаневска, државата обезбедува можности и тие треба да ги искористат.
„Имаме огромен број инструменти со кои се обидуваме да ја подобриме ситуацијата на Ромите“,
изјави Јаневска.
Таа вели дека на образованието на Ромите се посветува сериозно внимание со проектот „Деценија на Ромите“ и со други посебни проекти на МОН наменети за ромската етничка задница.
За оние кои ја надминале возраста за школување, министерката посочи дека системот нуди втора шанса преку Центарот за образование на возрасните, односно и лицата до 25, па и до 29 години, можат да добиваат едукација.
Таа кажа дека имало и проекти со странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветно на барањата на пазарот на трудот или нивните лични потреби.
Јаневска додаде и дека министерството ангажира и плаќа 40-ина ромски медијатори, чија задача е да ги внесат и да ги задржат децата во образовниот систем.
„Се случува тие да бидат запишани, но да не доаѓаат на училиште и да ја напуштаат наставата“,
додаде министерката.
За протестите на групи граѓани кои бараа да возат без возачка дозвола, а чии автомобили биле одземени, денеска од Обвинителството рекоа дека со полицијата преземаат мерки и активности и дека се дадени насоки за испитување на евентуални елементи на кривични дела од членовите 319 и 387 од Кривичниот законик. Исто така, додаваат дека ќе се испитуваат евентуално и други дела кои се гонат по службена должност.
