Тој на денешната прес-конференција порача дека доколку власта предложи ребаланс на буџетот во оваа насока, СДСМ веднаш ќе даде поддршка

Во таа насока, тој на денешната прес-конференција презентираше решение како преку ребаланс на Буџетот да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата, а истовремено да се поддржат и компаниите за да можат да работат ликвидно.
Како што кажа Филипче, според предлог-законот што го поднесе СДСМ за исплата на повисока минимална плата, се потребни 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра, и тие можат да се обезбедат од неколку ставки.
„Првата ставка, категорија 42 од Буџетот – стоки, каде што се планирани 27,5 милијарди денари. И тука влегуваат патни дневни расходи, тука влегуваат договорни услуги, репрезентации, ручеци, нови коли, мебел, комфор за функционерите од власта. Ако се скрати помеѓу 20-30% од оваа категорија, се стигнува до сума на пари од 5,5-8 милијарди денари, односно 90 до 130 милиони евра. И веќе тука се задоволуваат потребите за зголемување на платите на работниците“,
рече Филипче.
Втората најголема ставка во Буџетот, каде што, според Филипче, може да се направат кратења е категоријата 46, која се однесува на субвенции, како и ставката 464, која се однесува на расни трансфери.
Во овие ставки, како што кажа лидерот на СДСМ, влегуваат опремувањата на кабинетите за новоформираните министерства и вработувањето нови луѓе. Со кратењето 20 проценти од трошоците кои изнесуваат 22 милијарди денари, според лидерот на СДСМ, можат да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
На овој начин, како што кажа Филипче, од само две категории, 46 и 42, може да се обезбедат помеѓу 130 или 205 милиони евра и за повисока минимална плата и за поддршка на компаниите, и со тоа практично власта ќе нема простор за изговори.
Тој порача дека доколку власта предложи ребаланс на буџетот во оваа насока, СДСМ веднаш ќе го поддржи.
„Тоа е сосема доволна сума на пари. Прво да се зголемат платите на работниците до 600 евра и одам чекор понатаму, да се излезе во пресрет на барањето и потребата на приватните компании да се субвенционираат придонесите за празните осигурувања со цел и приватните компании да ги зголемат платите на работниците без да имаат дополнителен товар во плаќање на придонесите. Нека дадат предлог за ребаланс, веднаш ќе го поддржиме во Собранието“,
кажа Филипче.
Говорејќи во тој контекст, лидерот на СДСМ, рече дека не може да се планираат пари само за луксузирање, за патување, а да нема пари за основните потреби на работниците.
„Не може да има пари само за луксузирање, за 161 тендер за една фирма, за луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ до оваа власт, за една мала група на луѓе околу врвот на власта а сите други да страдаат во државата“,
рече тој.
Додаде, дека стандардот на работниците изминативе две години е срозен, цените континуирано растат, а власта, обвини, ништо не презема за да им помогне на граѓаните.
„Владата на ВМРО и ЗНАМ ништо не направија за да платите имаат континуиран соодветен раст, за да може луѓето да излезат и да врзат крај со крај до крајот на месецот во услови кога цените неконтролирано растат, кога синдикалната кошничка надминува 66 000 денари, само за храна и пијалаци е потребно повеќе од третина“,
нагласи Филипче.
Истовремено, тој посочи дека барањето на Сојузот на синдикатите за минимална плата е издржано и неопходно бидејќи се темели на реални потреби на работниците.
„Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. По втор пат го поднесуваме законот, првиот пат беше на крајот на 2024 година, тогаш власта го одби и тука на површина излегува континуитетот на нашите политики“,
рече лидерот на СДСМ.
Правејќи споредба, тој наведе дека за време на мандатот на претходната влада, предводена од СДСМ, биле зголемени и социјалната помош и минималната плата.

Филипче се осврна и на евроинтегративниот пат на земјата, при што обвини дека актуелната власт ја турка Македонија во изолација и ја оддалечува од европскиот пат, оставајќи ја притоа изложена на авторитарни влијанија.
„Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи, ниту се прават потребните чекори да се фати возот за Европската Унија, на којшто веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна Гора веќе го пишува договорот за пристап во Европската Унија, веќе се затвораат сите поглавја“,
кажа тој.
Филипче предупреди и на зголеменото влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз домашните политики, кое, како што рече, е јасно видливо.
„Силното влијание на премиерот Орбан од Унгарија се гледа секој ден. Започна како финансиска зависност со кредитот од една милијарда евра, за којшто никој не знае каде се отидени парите. Во делот на медиумите има јасна мрежа на унгарски медиуми кај нас кои креираат силно антиевропско расположение кај граѓаните. Очигледно е дека оваа поврзаност со вакви авторитарни режими на северот од нас нè држи во изолација. Премиерот јасно кажа дека нема да има уставни измени и веќе не ни крие дека нема да има чекор напред кон Европа. Ја цитирам, за жал, и претседателката: ’Измислен е патот кон Брисел‘“,
рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз.
