Како што посочи градоначалникот, со првиот ребаланс на Буџетот за 2025 година е засилена наплатата и е воведена финансиска дисциплина, а Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари, што е зголемување за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски
Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја, истакна на денешната прес-конференција за медиумите, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информира Ѓорѓиевски, се намалени повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во „Дрисла“, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Лајка“, „Флораком“ и „Луна“, каде што претходно доцнеле по две плати, а се решавале обврски од околу 450 милиони денари.
Како што посочи, со првиот ребаланс на Буџетот за 2025 година е засилена наплатата и е воведена финансиска дисциплина, а Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари, што е зголемување за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега“,
потенцира градоначалникот.
Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација, додаде тој.
Ѓорѓиевски информира дека е започната изградба на 50 мини паркови низ Скопје и на мегапаркот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел.
„Големи вложувања се прават во образованието: изградени се спортски терени во шест средни училишта, обезбедени се 60 милиони денари за реконструкции, прочистувачи за воздух во секоја училница, целосна дигитализација, 86 милиони денари за енергетска ефикасност, лаптоп за секој првенец на генерација, воведување униформи за прва година, летни кампови за ранливи категории и целосно бесплатна психолошка поддршка за сите ученици – за првпат во историјата на Град Скопје. Во инфраструктурата се откочени клучни проекти што со години стоеле заглавени. Кај клучката Момин Поток е исплатена експропријацијата и работите се во полн ек. Во тек е супервештачење за објект на булевар АСНОМ, со што ќе се стави во функција таканаречениот мост за ловење риба во 2026 година. Започната е фаза 1 од булевар ‘Македонија’, наскоро стартува фаза 2, а фаза 4 ќе отпочне до крајот на 2026 година. Со завршување на сите фази, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница“,
истакна градоначалникот.
Како што посочи тој, во напредна фаза се и преговорите за експропријација на објектите на булеварот „Борис Трајковски“, за чиј завршеток се веќе обезбедени средства, со што оваа клучна артерија конечно ќе функционира нормално.
„Реконструкцијата на улицата ‘Фрањо Клуз’ е во втора фаза, започната е и реконструкцијата на ‘Перо Наков’, а дополнителни 150 милиони денари се обезбедени за рехабилитација на помали улици. Во Буџетот за 2026 година има средства и за булеварите ‘Февруарски поход’, ‘Цветан Димов’ и други сообраќајни решенија. Во јавните претпријатија започна обнова каква што Скопје не памети – нови специјални возила за ‘Комунална хигиена’, ‘Паркови и зеленило’, ЈСП и ‘Градски паркинг’, нови контејнери и систем за воведување ред во хигиената. Се инвестира и во зонското паркирање и нови монтажни паркинзи, како и во две монтажни гаражи во Клиничкиот центар, кои ќе решат долгогодишен проблем. Откочен е и најголемиот еколошки проект во историјата на градот – пречистителната станица за отпадни води вредна околу 185 милиони евра“,
посочи Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информира оти се блокирани 17 694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96 562 физички лица и 2 335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“,
порача тој.
