Според најавите, на денешното рочиште искази треба да дадат петмина сведоци, предложени од Обвинителството
Со сослушување сведоци и законски затспаници на оштетените денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Процесот кој го води судијката Диана Груевска-Илиевска е во фаза на доказна постапка со сослушување сведоци на Обвинителството. Според најавите, на денешното рочиште, треба да бидат сослушани пет нови сведоци.
На претходното рочиште, во понеделникот, иако беа најави петмина, искази дадоа тројца. Останатите двајца не беа присутни, еден поради здравствени причини, а друг поради неодложни испити.
Сведоците кои дадоа искази, критичната вечер биле во „Пулс“, дел како вработени, а дел како гости. Тие, одговарајќи на прашања на Обвинителството и на одбраната, ја опишаа атмосферата на хаос и паника што настанала во моментот кога пламените јазици и чадот го зафатиле т.н. кабаре.
Еден од сведоците, рече дека освен пејачот на групата ДНК, Панчо (Владимир Блажев), никој друг не ги повикал гостите да излезат надвор кога почнал да гори кровот на објектот, како и дека единствениот излез билглавната врата, каде што настанало стампедо.
Тензии во судницата предизвика сведочењето на Дејан Манасиев, за чиј исказ Обвинителството рече дека е контрадикторен, во однос на тој даден во истрагата. На неговото сведочење бурно реагираа и родителите на загинатите што беа присутни во судницата. Мајка на загинат во „Пулс“ во изјава за медиумите рече дека сведокот дал лажен исказ пред Судот и најави дека ќе му поднесат кривична пријава поради тоа.
Адвокатот Петре Шилегов, пред почетокот на минатото рочиште се осврна брифингот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во однос на запирање на постапката за седуммина полициски службеници.
Повикувајќи се на овој момент од одлуката на ОЈО ГОКК, Шилегов, кој е бранител на обвинетиот службеник од Министерството за економија, Шофкет Хазари, рече дека делата за кои е запрена постапката против полициските службеници се поклопуваат со оние за кои се гонат дел од обвинетите за пожарот во судската постапка што е во тек. кои во тек е судска постапка. Во таа насока, адвокатот рече дека Јавното обвинителство што го застапува обвинението треба да ги преиспита наводите во него и дека за дел од сега обвинетите може да се поистоветат и повлечат обвиненијата.
„Го замолувам Јавното обвинителство да го преиспита своето мислење и став. Ако за полицајците не може да биде поведена постапка за загрозување на општата сигурност тогаш Обвинителството треба да каже за кои лица овде обвинетите може да им се стави на товар ова дело. Наместо да продолжиме мислам дека е поцелисходно Обвинителството да утврди за кои лица може да се води постапка. Еден ден судење државата ја чини 150 000 евра што укажува на неекономичност на судењето”,
кажа Шилегов во судницата.
Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со петчлениот судечки совет, рече дека и Судот со голем интерес го следел брифингот ја побарал одлуката од ОЈО ГОКК за да се запознае со неа. Сепак, како што додаде, додека не ја добијат, не можат да знаат дали наводите се поклопуваат со она што е дел од судската постапка.
Јавниот обвинител Борче Јованов рече дека до овој момент тие ги немаат обвиненијата на ОЈО ГОКК, но напомена дека во конкретната постапка не се опфатени полициски службеници.
„Напоменувам дека денес во оваа судница сме по одобрен и степен во сила обвинителен акт. Јавното обвинителство ги нема на увид овие одлуки на ОЈО ГОКК и нема увид дали таму се наведени оштетени лица, кои се тие оштетени лица и во што се состои нанесената или причинета штета”,
рече обвинителот.

На крајот на минатото рочиште, бранителката на обвинетиот службеник во Министерството за економија, Беким Хаџиу, адвокатката, Софија Лаличиќ, побара на нејзиниот клиент да му биде укината мерка притвор. Како што наведе таа, Хаџиу е 10 месеци во притвор, а причините поради кои му е одредена мерката веќе не постојат. Таа кажа и дека во повеќе наврати била нудена гаранција. Последен пат била понудена гаранција од еден милион и 260 илјади евра што ги собрале неговото семејство и пријатели во недвижен имот. Таа се приклучи на барањето на нејзиниот колега Петре Шилегов за запирање на постапката за неговиот клиент и други обвинети службеници во предметот.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
