Од ССМ велат дека иницијативата ја темелат на принципите на еднаквост, недискриминација и правна сигурност за сите граѓани содржани во Уставот како највисок акт во државата

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска поднесе иницијатива за намалување на функционерските плати за 80 отсто. Иницијативата е поднесена до Собранието и до сите пратенички групи.
Во иницијативата, објавена од ССМ на нивната фејсбук-страница, се вели дека членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се менува и се додава дека основицата за пресметување треба да е минималната плата, според податоците на Државниот завод за статистика.
Во членот 2 од иницијативата се додава дека коефициентите за утврдување на надоместокот на плата на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица се намалуваат за 40 проценти.
„Ова значи за 80 отсто намалување на функционерските плати“,
додаваат од ССМ.
Од ССМ велат дека иницијативата ја темелат на принципите на еднаквост, недискриминација и правна сигурност за сите граѓани содржани во Уставот како највисок акт во државата.
Според ССМ, за да бидат сите граѓани еднакви, потребно е појдовната основа за градење на платите на сите работници и граѓани во нашата држава да биде еднаква.
„Во конкретниот случај треба да се поаѓа од висината на минималната плата како основица за пресметување на сите плати, затоа што анализите на Владата и анализите на работодавачите, за разлика од анализите на ССМ, покажале дека вредноста на минималната плата е доволна за да ги задоволи елементарните потребите на граѓаните“,
велат од ССМ.
Имајќи го ова предвид, од ССМ велат дека се залагаат и инсистираат на еднаков третман на сите плати во државата и сметаат дека е потребно да се измени членот 11 и основицата за пресметка на плата.
„ССМ заедно со Владата во 2023 година потпишаа и предвидоа Општ колективен договор за јавен сектор, во кој се поаѓаше од просечната плата како основица за градење на платите на вработените во јавниот сектор, поаѓајќи токму од законското решение за платите на функционерите, избраните и именуваните лица“,
велат од ССМ.
Оттаму додаваат дека Владата како негов потписник, спротивно на законот и без оправдани причини не го почитува Општиот колективен договор за јавниот сектор и не ги уредила платите на вработените на овој начин, а дополнително бара и укинување на ваквото право на работниците.
Од ССМ предлагаат истиот принцип да се примени и за платите на функционерите и на избраните и именуваните лица.
