„Барам од нашата група да дојде до информации како материјалот стигнал од една земја во друга. До тука е нашата надлежност“, вели министерот

Министерот за здравство Азир Алиу смета дека е многу е мала веројатноста да имало какви било злоупотреби во случајот со извозот на мозоци од Македонија во САД за научни цели, со оглед на тоа што станува збор за долгогодишен научен проект во кој е вклучена една од најмоќните држави во светот.
Иако Министерството веќе формира работна група за случајот, Алиу изрази уверување дека во овој процес се почитувани строги правила.
„Лично, не како министер туку како човек, ценам дека има многу малку простор за злоупотреби. Од другата страна се САД, земја со јасно дефинирани протоколи за биолошки материјал. Значи, се работи за престижен универзитет, а научникот е човек што е светско име и лично не верувам дека може да дозволи да има злоупотреби без јасно дефинирани протоколи“,
рече денеска Алиу одговарајќи на новинарски прашања.
Министерот појасни дека неговото министерство е надлежно само за делот на издавање дозволи за влез и за излез на материјали, додека МАНУ, Универзитетот или Институтот спаѓаат под ингеренции на Министерството за образование и наука (МОН). За проектот, кој е од 1996 година, Алиу вели дека би требало да има меморандум потпишан меѓу институциите.
Алиу рече дека Министерството формирало работна група која ќе ги анализира податоците поврзани со извозот на биолошки материјал.
„Барам од нашата група да дојде до информации како материјалот стигнал од една земја во друга. До тука е нашата надлежност“,
рече Алиу.
Според Алиу, проблем може да биде чувањето на документацијата за овој случај. Тој вели дека стариот закон, до 2018 година, предвидувал сите материјали и административни документи да се чуваат 15 години.
Од 2018 година, Алиу вели дека според ЕУ-директивите, сите документи што се поврзуваат со таков вид биолошки материјал треба да се чуваат 25 години.
„Ако го земете и новиот и стариот закон, а се работи за проект 30 години стар, се плашам дека некоја институција може да ги нема тие документи архивирани. Како и да е нашата работа е да истражуваме во делот каде ние сме надлежни како министерство“,
додаде Алиу.
За извозот на мозоци од починати пациенти во земјава за научни цели во САД, јавноста во земјава дозна од документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин. Конкретно станува збор за електронска порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“ во која се пренесува новинарско истражување на „Блумберг бизнисвик“ од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет.
За овој случај од Јавното обвинителство денеска рекоа дека е отворен предмет по допрен глас, односно по наводите од објавените документи.
Од Обвинителството ќе испитуваат дали во случајот со изнесувањето и транспортот на човечки ткива се испочитувани сите законски и етички стандарди за вакви процедури и дали евентуално постојат елементи на кривично дело што се гони по службена должност.
