На засебните протести во Битолско и во Кочанско, група граѓани вчера палеа гуми, отпад и дрва, блокирајќи ги коловозите во знак на протест поради одземањето на возилата кои ги управувале без возачка дозвола
Премиерот Христијан Мицкоски информира дека од полицијата побарал жесток одговор за секој што го прекршил законот, се заканувал или го загрозил јавниот ред и мир во текот на вчерашните блокади на патот Битола – Ресен и во Кочанско, каде што група граѓани протестираа во знак на револт поради правилата на системот „Безбеден град“.

„Разговарав утрово со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и она коешто го побарав од него е оној што го прекршил законот, се заканувал, јавно упатил закани, го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните жестоко да се одговори. Ќе биде одговорено жестоко за да не се повтори тоа дивеење од вчера што се случи“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешното чествување на 154-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
На засебните протести во Битолско и во Кочанско, група граѓани вчера палеа гуми, отпад и дрва, блокирајќи ги коловозите во знак на протест поради одземањето на возилата кои ги управувале без возачка дозвола. Жители на неколку ромски населби кои излегоа на блокадите обвинија за дискриминација, тврдејќи дека многумина од нив немаат завршено образование и затоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.
