„Процедурата не ја интересира дали сте богати или сиромашни. Не ѝ е грижа која политичка партија е на власт. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата го надживуваат владетелот. Ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото“, вели претседателката

Илузија е да се верува дека можете да создадете институција само со потпишување на парче хартија. Не можете едноставно да увезете демократија. Институциите се историски производи. Тие се градежните блокови на демократијата, но тие мора да се изградат, а не само да се декларираат, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во нејзиното обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, кој се одржува во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во својот говор, таа рече дека Македонија оваа година одбележува два јубилеја: 35 години од независноста и горчливо-слатката годишнина 25 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија.
„Четврт век, мојата земја формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи. Велам горчливо-слатка затоа што, покрај Турција, ние сме најдолгогодишниот кандидат во чекалната за полноправно членство“,
вели Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека ова усогласување не е само за да се задоволи Брисел, туку за да се изгради систем во кој правилата ќе го надживеат владетелот.
„Процедурата не ја интересира дали сте богати или сиромашни. Не ѝ е грижа која политичка партија е на власт. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата го надживуваат владетелот. Ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото“,
истакна Сиљановска-Давкова.
Претседателката порача дека Македонија е регионален шампион во хармонизација, но дека мора да внимава дали увезува вистински решенија или само бирократија. Таа додава дека регулативата не е само за контрола, туку дека станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте.
„Правна илузија е да се верува дека совршен устав значи совршена влада. Еден ист закон може совршено да функционира во една земја, а целосно да пропадне во друга. Може да функционира денес, а утре да пропадне. Сепак, нормите и институциите не се доволни за демократијата. Демократијата расте ’од долу нагоре’, а граѓанското општество се развива ’одвнатре’“,
вели таа.
Таа ја претстави Националната стратегија за развој 2024–2044, изработена преку консултации со над 14 000 граѓани, а со која се потврдува дека нашите институции остануваат инклузивни без оглед на надворешните притисоци на еден оспорен свет.
Според неа, стратегијата помага да бидат калибрирани политиките, законите и инвестициите со променливите потреби.
„Сфативме дека не можеме само да пишуваме закони за следните избори. Нашата цел е од чекалната на историјата да се придвижиме кон работната соба на иднината. Треба да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето“,
додаде претседателката во своето обраќање пред светските лидери и експерти во Дубаи.
