На состанокот на претставниците на ЕК и министрите од регионот било истакнато и дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од земјите од Шенген-зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година
Се разгледува можноста транспортните превозници да бидат ставени во истата категорија на работници како пилотите и машиновозачите – порачале претставниците на Европската комисија (ЕК) на денешниот онлајн состанок со надлежните министри од земјите од Западен Балкан, чии превозници, согласно новите правила за влез и за излез од ЕУ, ќе беа соочени со ограничен престој во Шенген-зоната.

Европските претставници потврдиле дека превозниците се прифатени како професионалци и најавиле целосна посветеност во изнаоѓање на трајно прифатливо решение кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни.
Министерот за транспорт Александар Николоски, кој учествуваше на онлајн состанокот заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, истакнал дека во исчекување на трајно решение, ЕК треба реално да го идентификува проблемот со транспортниот сектор и набрзо што може да имплементира мерки кои ќе обезбедат непречена работа на транспортерите.
Во насока на решавање на проблемот со транспортерите, според најавите, ќе се формира работна група на експертско ниво која следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок, а претставниците на ЕК најавиле дека комуникацијата меѓу сите засегнати страни ќе продолжи и натаму.
Дополнително, на состанокот било истакнато дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и за излез од земјите од Шенген-зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година.
Денешниот состанок на кој учествуваа министри од земјите од Западен Балкан беше инициран од претставниците на ЕК откако транспортните превозници од земјава и регионот ги блокираа граничните премини со Шенген-зоната поради најавените ограничувања за нивниот престој во Шенген по воведувањето на новиот систем за влез во ЕУ.
