„Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот со заплена на пет тони марихуана“, се вели во соопштението од Обвинителството
Обвинителство има оформено предмет во врска со петте тони марихуана што минатата недела се запленети во Србија, а за кои српските медиуми информираа дека се набавени од македонска територија.

„Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“,
соопштија попладнево од Обвинителството.
Оттаму велат дека уште во петокот (30 јануари) се навремено и целосно информирани за акцијата во Србија и без одлагање се преземани активности во рамки на законските надлежности.
„Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот заплена на пет тони марихуана“,
додаваат од Обвинителството.
Претходно од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека за овој случај се преземаат соодветни оперативно-технички мерки и активности согласно полициските овластувања.
Српската полиција на 29 јануари соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија.
Според српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија, чија вредност се проценува на седум до десет милиони евра.
Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица, осомничени за кривично дело неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги.
Со оглед на тоа што осомничениот А.М., како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, на судијата му беше предложено да се издаде потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што соопштија тамошните медиуми, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, а во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот И.Д. ја транспортирал дрогата преку границата до магацинот на семејствата Н.С. и Р.С., од каде што ја однел У.М. за понатамошна продажба.
Особено е индикативно што осомничениот И.Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“, која е регистрирана во Скопскиот Регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.
