Оваа организирана криминална група, како што информираат српските медиуми, дејствувала на меѓународно ниво, а во јануари оваа година набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на С Македонија
Вишиот суд во Белград им одреди притвор на три лица што беа уапсени по заплената на пет тони марихуана во регионот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија, пренесуваат тамошните медиуми.

Од судот соопштија дека притвор е одреден за Н.С., Р.С. и И.Д. поради опасност од бегство, како и за да не влијаат врз сведоците, да не го повторат кривичното дело и поради нарушување на јавниот ред и мир.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против А.М., Н.С., Р.С., И.Д. и У.М.
Според српските медиуми, осомничените за кривично дело неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги за време на сослушувањето го искористиле своето законско право да молчат.
Со оглед на тоа што осомничениот А.М., како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, на судијата му беше предложено да се издаде потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, а во јануари оваа година набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот И.Д. ја транспортирал дрогата преку границата до магацинот на семејствата Н.С. и Р.С., од каде што ја однел У.М. за понатамошна продажба.
Особено е индикативно што осомничениот И.Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“, која е регистрирана во Скопскиот Регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.
Српската полиција на 29 јануари соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија.
Според српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија, чија вредност се проценува на седум до десет милиони евра.
