Според српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија, чија вредност се проценува на седум до десет милиони евра
Српската полиција денеска соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија, пренесуваат тамошните медиуми.

Според српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија, чија вредност се проценува на седум до десет милиони евра.
Како што иформира Дачиќ, во акцијата се уапсени две лица – Н. С. роден 1986 година и Р. С. роден 1958, додека по уште едно лице се трага.
Тие се сомничат за кривичните дела неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги и нелегално производство, поседување, носење и продажба на оружје и експлозивни материи.
Покрај марихуаната, во акцијата е пронајдено и огнено оружје. Според информациите, се работи за најмалку четири автоматски пушки и една рачен ракетен фрлач „зоља“, како и пари во износ од над 1 500 000 динари (околу 12 700 евра).
Од Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија соопштиле дека уапсените се членови на организирана криминална група.
Во соопштението оттаму додале дека криминалната група ја складирала марихуаната во простории на трговската компанија „Флораком“, од каде што понатаму ја дистрибуирала на територијата на главниот град на земјата, Белград, за натамошна продажба.
Од Обвинителството навеле дека претресите во објекти се сè уште во тек и дека осомничените по полициското задржување ќе бидат спроведени во нивните простории каде ќе бидат испрашани.
