Во врска со проблемот со превозниците, шефот на македонската дипломатија ја нагласил потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија
Во врска со евроинтегративниот пат на државата, тој, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ја потврдил јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда
Економските предизвици и евроинтегративниот процес на земјава биле во фокусот на телефонскиот разговор што министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска попладне го остварил со еврокомесарката за проширување и соседска политика Марта Кос.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски и Кос размениле мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано тарифите за челик.
„Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“,
се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, шефот на македонската дипломатија ја потврдил јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Во врска со проблемот со професионалните превозници, од Асоцијацијата „Макам-транс“ попладнево соопштија дека вечерва од 20 часот ги повлекуваат блокадите на товарниот сообраќај на граничните премини што ги почнаа во понеделникот барајќи од Европската Унија (ЕУ) да го измени правилото за електронска евиденција за престој на превозниците во земјите од шенген-зоната.
Одлуката е донесена откако претходно денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека Брисел ќе донесе стратегија за визи со која наместо како туристи, камионските превозници ќе бидат препознаени како професионалци, со што ќе им се овозможи престој во шенген-зоната подолг од 90 дена.
