„Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени ве информираме дека протестот кој беше организиран од страна на Асоцијацијата ‘Макам-транс’ на граничните премини ‘Деве Баир’, ‘Делчево’, ‘Ново Село’, ‘Дојран’, ‘Богородица’, ‘Меџитлија’, ‘Ќафасан’, ‘Блаце’, ‘Блато’ и ‘Стење’ ќе биде ПРЕКИНАТ од вечерва (29.01.2026) година од 20:00 часот за влез и излез од државата“, велат од Асоцијацијата
Македонските камионски превозници вечерва во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот сообраќај на граничните премини што ги почнаа во понеделникот барајќи од Европската Унија (ЕУ) да го измени правилото за електронска евиденција за престој на превозниците во земјите од шенген-зоната.

Ваква одлука попладнево донела Асоцијацијата „Макам-транс“, која ги организираше блокадите откако претходно денеска вицепремиерот и министер за транспорт објави дека Брисел ќе донесе стратегија за визи со која ќе се реши проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
„Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени ве информираме дека протестот кој беше организиран од страна на Асоцијацијата ‘Макам-транс’ на граничните премини ‘Деве Баир’, ‘Делчево’, ‘Ново Село’, ‘Дојран’, ‘Богородица’, ‘Меџитлија’, ‘Ќафасан’, ‘Блаце’, ‘Блато’ и ‘Стење’ ќе биде ПРЕКИНАТ од вечерва (29.01.2026) година од 20:00 часот за влез и излез од државата“,
велат од Асоцијацијата во објавата на Фејсбук.
Оттаму им се заблагодаруваат на сите кои, како што наведуваат, во изминатите денови ја дале својата поддршка и солидарност на блокадата на граничните премини.
„Вашето заедништво и истрајност дадоа резултати, согласно официјалното известување од министерот за транспорт г. Александар Николоски, Европска комисија донесе одлука да донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кои се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена. Особено сме благодарни до сите медиумските куќи, портали кои нашата борба ја направија видлива за цела Европа“,
велат од „Макам-транс“.
Транспортерите од државата, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата на почетокот на неделава со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска објави дека Брисел ќе донесе Стратегија за визи со која наместо како туристи, возачите ќе бидат препознаени како професионалци, со што ќе им се овозможи престој во Шенген-зоната подолг од 90 дена.
„Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. Благодариме до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!“,
напиша Николоски на социјалните мрежи.
Во известувањето на Европската комисија кое го сподели Николоски дополнително се наведува дека ЕК ќе соработува со земјите членки за да идентификува практични решенија за овозможување продолжени краткорочни престои за избрани категории државјани од трети земји.
Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, при презентацијата на стратегијата за визи на ЕУ и на европската стратегија за управување со азил и миграција, усвоени на денешната седница на Колеџот на комесарите, рече дека со неа се предлага да се разгледа поголема флексибилност за превозниците, како што кажа, да се загрози безбедноста, а во исто време и да не се променат правилата, дури и кога станува збор за безвизно патување, пренесе МИА.
Таа наведе дека кога станува збор за прекугранични работници, кои секојдневно ја минуваат границата на ист премин, има исклучоци и флексибилност, но тоа не важи за некои други професии, каде што исто така, се идентификувани предизвици, како што се возачите на камиони, спортистите и уметниците.
„Но, ние го разгледуваме тоа и во оваа Стратегија за визи сега се осврнуваме на овој проблем“,
додаде Виркунен, без да наведе конкретни мерки.
Таа нагласи дека со новиот систем за влез и излез (ЕЕС) не се воведени никакви нови правила кога станува збор за должината за краток престој во шенген-зоната без визи и оти и понатаму останува можноста за престој до најмногу 90 дена во период од 180 дена.
