Премиерот Зоран Заев ги повика на лидерска средба челниците на ВМРО – ДПМНЕ, на ДУИ и на Алијансата за Албанците. Предлага, лидерската четворка да се сретне во Клубот на пратениците во петок, во 14 часот. Очекува на неа тие на дело да ги потврдат заложбите за стратешките државни интереси.
„Од таа средба, очекувам сите да се фокусираме и да направиме исчекор. Очекувам да излезат предлози за акциски план и за работни групи. Ќе имаме разговори и со другите парламентарни групи. Се надевам на обединување околу договор за нов изборен законик, без притисоци, да го затвориме со највисок степен на одлучност. Да постигнеме согласност за Законот за јавното обвинителство. Во оваа насока, клучно е да се обезбеди иднината на СЈО и унапредување на правната држава. Да постигнеме консензус и да се обврземе дека ќе реализираме успешен попис. Успешниот попис ќе ни ги отвори сите перспективи на прецизно проектирање на економските но и на севкупните политики во државата,“
изјави Заев.
Премиерот истакна дека искрената посветеност на овие теми ќе овозможи на есен да се претставиме како земја која ги затворила сите прашања за добивање датум за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.
Претходно, ВМРО ДПМНЕ побара лидерска средба со единствена точка – предвремени избори. На новинарско прашање Заев денеска посочи не бега од предвремени избори, но смета дека треба да и се даде шанса за економијата.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето за предвремени парламентарни избори. За нив тоа е прва и едиствена тема за разговор, а потоа се останато.
„Ние сме децидни дека на таа лидерска средба како прво и единствено прашање мора да се разговара како прва точка за предвремени парламентарни избори. Во однос на денот и времето и локацијата, дополнително ќе биде анализирано во органите на партијата и ќе биде одлучено согласно агендите на претседателот и временските можности“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Димче Арсовски.