Како што пренесува телевизијата, при истрагата е утврдено дека нивните овластувања не биле поврзани со контрола на противпожарни мерки, туку за проверка на сообраќајната безбедност и паркинг просторот на објектот. Поради тоа, Обвинителството смета дека овие полициски службеници не можат да се гонат за смртните последици од пожарот, туку за друго кривично дело, односно за злоупотреба на службената положба
Запрена е истрагата за шестмина полицајци и началници што се осомничени за кривичното дело предизвикување општа опасност во случајот за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, објави ТВ Телма.

Како што пренесува телевизијата, при истрагата е утврдено дека нивните овластувања не биле поврзани со контрола на противпожарни мерки, туку за проверка на сообраќајната безбедност и паркинг просторот на објектот.
Поради тоа, Обвинителството смета дека овие полициски службеници не можат да се гонат за смртните последици од пожарот, туку за друго кривично дело, односно за злоупотреба на службената положба.
Во одлуката на обвинителот кој ја спроведуваше исрагата се вели дека согласно Законот за угостителска дејност, полицијата во конкретниот случај требало да изврши проверки само во делот дали се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и за безбедноста во сообраќајот.
Според извори од истрагата, дел од осомничените биле во притвор еден месец, по што добиле поблаги мерки за обезбедување што се укинати. Од Кривичниот суд во Скопје за Телма изјавија дека се укинати мерки за двајца осомничени полицајци.
Со истрагата за „Пулс“ се опфатени уште 20-тина други полициски службеници, осомничени за делото предизвикување на општа опасност.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
