Кос посочи дека земјата е на пат да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година
Црна Гора вчера на Меѓувладината конференција со Европската Унија во Брисел, го затвори поглавјето 32 од преговорите, наменето за Финансиски надзор. Со тоа, Црна Гора затвори 13. од вкупно 33 поглавја од преговорите со Европската Унија.

Европската комесарка за проширување Марта Кос потсети дека Црна Гора затворила пет поглавја од преговорите во декември 2025 година и дека оваа серија продолжува и годинава.
Според неа, Црна Гора одбележува 20 години од враќањето на независноста, па затоа, како што додаде, оваа година нема да биде обележана само со прослава на тој јубилеј, туку и со посветена работа.
„Ова е добар почеток на годината и Црна Гора е на пат да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година“,
рече Кос.
Montenegro has closed another negotiating chapter.
— Marta Kos (@MartaKosEU) January 26, 2026
That makes 13 in total. More than a third.
It shows Montenegro’s strong progress in the accession talks.
Now it’s crucial to keep the momentum and step up reforms. Above all on the rule of law. pic.twitter.com/HuR5R3DjBa
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ рече дека брзината со која Црна Гора ги затвора поглавјата од преговорите е доказ дека процесот на проширување е сè уште жив.
Спајиќ верува дека Црна Гора може да ги затвори сите поглавја од преговорите до крајот на оваа година.
„Денешната Меѓувладина конференција е доказ дека нема скратени делници на европскиот пат“,
кажа тој.
Според него, Европската Унија, во време на несигурност, е столб на мирот, демократијата и владеењето на правото.
„Нема поголем идеал од обединета Европа. Црна Гора со сигурност се движи кон таа цел“,
додаде црногорскиот премиер.
Поглавјето 32 – за Финансиски надзор се однесува на усвојување на меѓународно прифатени стандарди во областите на јавна внатрешна финансиска контрола, надворешна ревизија и најдобри практики на Европската Унија и нивна примена во целиот јавен сектор, како и дисциплина и транспарентност во користењето на националните и средствата на Европската Унија.
Црногорската влада претходно објави дека затворањето на Поглавјето 32 претставува важен чекор напред на патот кон членство во Европската Унија.
Досега, Црна Гора затвори вкупно 13 поглавја од преговорите во процесот на пристапување во ЕУ, што претставува речиси 40 отсто од вкупниот број поглавја.
Според проекциите на црногорските функционери, таа земја би можела да стане полноправна членка на Европската Унија во 2027 година.
Земјата официјално ги отвори преговорите за пристапување на 29 јуни 2012 година.
Црна Гора е првата земја што преговара според новиот принцип, според кој најважните поглавја, поглавје 23 – Правда и основни права и поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, се отвораат на почетокот од преговарачкиот процес, а се затвораат на крајот.
