„Се сеќавам дека во таа турканица сите се обидуваа да излезат надвор. На скалите некој од толпата падна пред мене и сите се срушивме врз него. Не забележав некој да води ред и да организира евакуација. Следно што паметам е како лежам на дното на скалите, бев на последната, се обидував да станам, но нозете ми беа приклештени од други паднати лица“, рече Иван Данаилов, кој преживеал без повреди во пожарот во „Пулс“
Сведокот Иван Данаилов, кој го преживеал без повреди пожарот во „Пулс“, денеска пред Судот раскажа што се случувало критичната вечер. Тој бил чест гостин во т.н. кабаре – повеќе пред ковид-пандемијата, потоа поретко, како што кажа. Првпат во „Пулс“ влегол кога имал 16 години, како малолетник.

За ноќта на 16 март 2025 година кажа дека сè течело нормално додека не слушнале член на бендот ДНК кој повикал сите да излезат надвор. Пожарот првично не го забележале бидејќи бил точно над нивните глави.
„Пред настапот на бендот имаше диџеј. Настапот на бендот почна во 2 часот. Дискотеката беше полна, но точна бројка не можам да посочам. Помеѓу масите беше прилично тесно и минувањето покрај нив беше тешко“,
рече Данаилов.
Одговарајќи на дополнително прашање кажа дека во објектот за време на забавата имало малолетни лица. Тој со друштвото бил на првите маси до бината и не забележал кога полициски службеници влегле во објектот да вршат акциска контрола. За тоа разбрал од еден од членовите на бендот ДНК, кој од бината рекол дека полициски службеници влегле и побарал од гостите да бидат културни и пристојни. Тоа било кратко пред да настане пожарот, а во меѓувреме забавата не била прекината од полицијата.
На дополнително прашање рече дека полиција и претходно доаѓала да врши контроли дали има малолетници, но дека не се сеќава оти некој бил избркан од кабарето поради тоа.
„Дел беа униформирани, а дел во цивил“,
рече тој додавајќи дека и за време на претходните контроли не биле прекинувани забавите.
Кажа дека и претходно се употребувала пиротехника, но тоа се случувало одвреме-навреме.
„Имам видено прскалки и имало и огнени шоуа каде што танчарки изведуваа точки со запалени реквизити“,
рече тој.
За време на своите посети на кабарето не забележал противпожарни апарати, ниту излези за евакуација. Покрај главниот влез рече дека имало само уште една врата зад шанкот, која, како што кажа, не забележал некој некогаш да ја користи. Пожарот рече дека почнал во 2:32 часот.
„Најпрвин со другарите не го забележавме пожарот бидејќи беше над нашите глави, надвор од нашето видно поле. Од бендот го забележаа и кажаа дека настанал пожар. Побараа од сопственикот да донесе ПП-апарат”,
рече сведокот.
Во првите моменти не видел никој со ПП-апарат, но на излегување го забележал синот на сопственикот на „Пулс“, Михајло Јованов, како доаѓа со ПП-апарат.
„Откако забележавме дека ситуацијата е сериозна и кога се приклучивме на стампедото, веќе се чувствуваше чадот кој гушеше. Се сеќавам дека во таа турканица сите се обидуваа да излезат надвор. На скалите некој од толпата падна пред мене и сите се срушивме врз него. Не забележав некој да води ред и да организира евакуација. Следно што паметам е како лежам на дното на скалите, бев на последната, се обидував да станам, но нозете ми беа приклештени од други паднати лица“,
рече сведокот Данаилов.
Во тие моменти забележал еден од обезбедувањето, кој го извлекол.
„Го видов Столе од обезбедувањето, му подадов рака, тој ме фати и ме извлече. Станав и почнав да ги барам другарите за да видам дали се извлекле“,
рече тој.
Откако се нашол со неколкумина и видел дека се добро, отишол до својот автомобил. Притоа забележал два-тројца полицајци кои стоеле и воопшто не учествувале во извлекувањето на настраданите.
„Стоеја настрана и не преземаа никакви активности за извлекување луѓе. Можеби чекаа координација, но само стоеја и не преземаа ништо“,
рече сведокот.
Следното на што се сетил е да појде со автомобилот до најблиската бензинска пумпа, да купи шишиња вода за да им ги дели на луѓето што излегуваат од кабарето.
„А луѓето што излегуваа беа целите црни и со свлечена кожа“,
рече тој.
Одговарајќи на вкрстени прашања на одбраната, кажа дека пиротехниката за време на настапот на бендот била активирана со далечински управувач. На прашање на судијката Диана Груевска-Илиевска како знае дека имало малолетници вечерта, рече дека познава дел од лицата и знае дека дека се малолетници.
