Посочи оти ќе ги покани коалициските партнери, како и опозицијата, на дискусија за сите важни теми бидејќи, како што додаде, проблемите во нормалните земји се решаваат преку дијалог
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека оваа година ќе има избори во Србија и дека тие реално може да се одржат наесен, односно меѓу октомври и декември. Тој не ја исклучи и можноста за одржување вонредни парламентарни избори, како и претседателски избори.

„Одиме на избори оваа година. Мислам дека сите избори ќе се одржат наесен. Тоа е поверојатна опција“,
кажа тој.
Во интервју за ТВ Блиц одговарајќи на новинарско прашањето дали ќе поднесе оставка од претседателската функција, со цел истовремено одржување на претседателските и парламентарните избори, рече дека не ја исклучува и таа можност.
„Не ја исклучувам таа можност. Не сакам да го скратам мандатот. Или ќе поднесам оставка или не, и тоа е тоа“,
рече српскиот претседател.
Посочи оти ќе ги покани коалициските партнери, како и опозицијата, на дискусија за сите важни теми бидејќи, како што додаде, проблемите во нормалните земји се решаваат преку дијалог.
„Прво, ќе ги повикам коалициските партнери поради некои несогласувања што постојат таму“,
вели Вучиќ.
Потоа, посочи оти ќе ја покани парламентарната опозиција иако, како што рече, е убеден дека нема да одговорат бидејќи веќе ги поканил многупати на разговор.
Според него, опозицијата не прифаќа дијалог затоа што нема идеи, а и мора да дадат повеќе објаснувања за граѓаните.
За време на интервјуто, тој откри дека Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, му испратил порака со која му ја честитал победата на српските ватерполисти во финалето на Европското првенство.
Вучиќ го коментираше и случајот „Генералштаб“, додавајќи дека нема проблем да преземе целосна одговорност за него.
