Се апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, а доколку е потребно да користат и алтернативни гранични премини
Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе обезбеди непречено и безбедно движење на патничките возила, автобусите и возилата што превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки. Ова е денешното соопштение од полицијата по најавата дека напладне превозниците со камиони ќе ги блокираат за товарен сообраќај граничните премини во државата.

Според најавата на македонските транспортни превозници, затворени за товарен сообраќај ќе бидат граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“ и „Блато“.
Со протестот ќе се ограничи сообраќајот за товарни моторни возила, односно ќе се затворат коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај. Патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини.
Предвидено е протестите на превозниците да траат седум дена, со можност да бидат прекинати ако се изнајде решение за проблемот.
Од полицијата апелираат до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, а доколку е потребно да користат и алтернативни гранични премини.
