Мицкоски вели дека на панелите зборувал за проекти што опфаќаат производство на електрична енергија и за подобрување на преносните капацитети на интерконекторите за гас и електрична енергија и за се што претставува предизвик за Владата

Премиерот Христијан Мицкоски, во рамки на Светскиот економски форум во Давос, вели дека остварил серија значајни билатерални средби и учествувал на панел каде што по првпат се презентирани клучни проекти за Македонија.
Во видеоизјава објавена на неговиот фејсбук-профил, премиерот вели дека на панел посветен на енергетската иднина пред странските инвеститори ги претставил проектите „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“.
„Денес по првпат ги презентирав клучните проекти кои во периодот што следува ќе ги објавиме. Убеден сум дека привлекоа големо внимание кај голем број инвеститори, кои по завршувањето на панелот ми пристапија и разменивме контакти. Ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме потенцијалите со кои располагаме и инвестициските можности“,
вели Мицкоски.
Тој додаде дека овие проекти, освен што ќе го зголемат домашното производство на струја, ќе додадат вредност на економијата и ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните.
Покрај енергетиката, премиерот вели дека на панелот станало збор за теми за кои вели дека се клучни во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и електричната енергија.
Тој вели дека се разговарало со водечки светски компании во светот на вештачката интелигенција, како и за стопанисување со дата-центри.
Мицкоски вели дека на панелите зборувал за проекти што опфаќаат производство на електрична енергија и за подобрување на преносните капацитети на интерконекторите за гас и електрична енергија и за сè што претставува предизвик за Владата.
Премиерот најави дека ќе има уште еден панел каде што ќе продолжи да ги презентира инвестициските потенцијали на државата пред друга група инвеститори.
Тој рече дека денеска имал билатерална средба со Борјана Кришто која е претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина, а потоа и со мултинационални компании, за кои вели дека значат многу во делот на бизнисот во светот.
Мицкоски и на почетокот од посетата на Давос рече дека имал многу успешни и инспиративни средби со голем број мултинационални компании, на кои било разговарано за теми од областа на енергетиката, здравството и високата технологија. На средбите од наша страна биле претставени можностите за инвестиции во македонската економија, што, како што додава, ќе значи додадена вредност за граѓаните на земјава.
