Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Стефан Андоновски рече дека и покрај дигитализацијата, Владата останува на својот стратешки пристап, односно никогаш да не се дозволи услуги што постоеле на хартија да бидат заменети со целосно електронски услуги, доколку тоа не е во корист на граѓаните. Сепак, како што наведе, податоците покажуваат дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги ако тие им овозможуваат да завршат работа
Четири нови услуги од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) стануваат достапни на националниот портал за услуги – ulsugi.gov.mk. Три од услугите, како што соопштија министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, се однесуваат на физички лица, а една е за правни лица, односно фирми.

За физичките лица се воведени услугите за потврда за пријава и одјава во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплата на надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
За правните лица, пак, како што кажа ресорниот министер, по првпат е овозможена електронската услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, кое е целосно дигитално и достапно во секое време.
Говорејќи за почетокот на соработката со Фондот за здравство, чии услуги се дигитализираат, Андоновски рече дека станува збор за една од клучните институции која нуди услуги за сите граѓани, како и за компаниите.
Тој оцени дека станува збор за услуги кои директно го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар за институциите и граѓаните и го елиминираат непотребното чекање и физичкото присуство на шалтери.
„Овие услуги се само почеток на системска дигитална трансформација и во овој сектор, а не на изолирани технички решенија. Особено сакам да истакнам дека корисниците на порталот на Фондот за здравствено осигурување автоматски се воведуваат и во системот за единствена најава на национално ниво, а со тоа граѓаните добиваат можност со еден кориснички профил, непречено да се движат и да користат услуги на различни институционални портали без повторно најавување и без дополнителни административни бариери“,
рече тој.
Фондот, како што кажа тој, од денеска е и технички поврзан со Централниот регистар на населението, што овозможува автоматско преземање релевантни податоци на граѓаните. Ова, како што рече министерот, го прави непотребно рачното внесување податоци и го намалува ризикот од користење застарени и неточни информации, а се подобрува и ефикасноста.
„Овие податоци автоматски се користат во постапки како што се пријавата и одјавата на здравствено осигурување, утврдување на својство на осигурено лице, остварување право од боледување, бременост и раѓање, лекување во странство, издавање двојазични обрасци, рефундации и други права и обврски коишто ги извршува Фондот“,
рече министерот за дигитална трансформација.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека целта на денешната прес-конференција не само промоција на услугите туку и за зголемување на свесноста на граѓаните што повеќе да ги користат во дигитална, наместо во хартиена форма.
Клековски во таа насока рече оти смета дека во една мала земја како Македонија услугите треба да бидат координирани од едно место со што ќе се добие унифициран и стандарден пристап за сите.
За новите четири услуги кои ќе бидат достапни на интернет, Клековски рече дека тоа е овозможено со поврзувањето на податоците меѓу ФЗОМ и Министерството за дигитална трансформација, но како што додаде Фондот е поврзан и со други институции заради подобра комуникација и координација.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Стефан Андоновски рече дека и покрај дигитализацијата, Владата останува на својот стратешки пристап, односно никогаш да не се дозволи услуги што постоеле на хартија да бидат заменети со целосно електронски услуги, доколку тоа не е во корист на граѓаните.
„Ако некој граѓанин смета дека сака да си ја заврши услугата хартиено, таа била нудена на тој начин, тоа ќе продолжи да го прави и во пракса. Што се однесува до нови услуги коишто ги нудиме, како што беа ваучерите за студенти, намерно стратешки решивме тие да бидат исклучиво преку Порталот за услуги, за да ги научиме дека можат и треба да го користат, да го испромовираме кај помладите“,
рече Андоновски.
Прашан за ефектите од процесот на дигитализација, Андоновски се повика на статистичките податоци, според кои во моментов, како што кажа, има над 300 илјади корисници на Системот за единствена најава (СЕН), како и над 240 илјади корисници на Националниот портал за е-услуги. Тоа, според него, е показател дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги, ако тие им овозможуваат да завршат работа.
„Во 2024 година ние имавме 120 илјади корисници на Порталот, со помалку од половина услуга по корисник. Во моментот имаме преку 240 илјади корисници на Порталот и преку 300 илјади корисници на Системот за единствена најава, а бројот на услуги е зголемен за 100, 120 проценти. Тоа покажува дека граѓаните сакаат да ги користат електронските услуги, ако тие им ја завршат работата. Никој од нас не сака да чека редови и тоа да го прави хартиено доколку може да си извади електронски документ“,
рече Андоновски.
