Тимовите на ЈП „Македонија пат“ се целосно екипирани, ставени се на располагање потребната механизација и работната сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот
Сите државни патишта се проодни и безбедни. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, соопшти АМСМ.

Тимовите на ЈП „Македонија пат“ се целосно екипирани, ставени се на располагање потребната механизација и работната сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, наведуваат од АМСМ.
„Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и приспособена брзина согласно условите на патните правци. Исто така, се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта. Координираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“,
стои во соопштението.
Од АМСМ потсетуваат дека од 15.11.2025 година во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Се препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
