Адвокатот Скендер Мехмеди, кој е бранител на Мухсин Арифи и Блерим Амити, осудени за примање награда за противзаконито влијание, изрази незадоволство од пресудата за двајцата обвинети во случајот и најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд во Скопје
Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече затворска казна од четири години на поранешниот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, и затворска казна од една година и десет месеци на Блерим Амити, вработен во установата, во случајот „Геријатрија“, поврзан со примање поткуп и награда за противзаконито влијание.

Судот ги прогласи двајцата обвинети за виновни и оцени дека во целост се докажани наводите од обвинителниот акт.
„При определувањето на видот и висината на кривичната санкција, Судот ги имаше предвид сите околности предвидени во член 39 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на индивидуализацијата на казната. Како отежнителни околности, Судот ги ценеше видот, карактерот и тежината на кривичните дела, начинот на нивното извршување, условите под кои се сторени, како и фактот дека делата се сторени со цел стекнување материјална корист“,
изјави судијката Ленка Давиткова при образложувањето на пресудата.
Таа додаде дека Судот ги ценел и опасноста од повторување на кривичните дела, степенот на кривичната одговорност на обвинетите, организираноста и упорноста при извршувањето, како и искористувањето на тешката здравствена и социјална состојба на сведокот во конкретниот случај.
„Судот особено го ценеше фактот дека со извршувањето на ваквите кривични дела се нарушува довербата на граѓаните во институциите на системот, имајќи предвид дека обвинетиот Мухсин Арифи делото го сторил како службено лице во јавна здравствена установа. Од друга страна, Судот го имаше предвид и фактот дека обвинетиот има високо образование, што укажува на поголем степен на свесност и можност за воздржување од сторување вакви кривични дела, особено кога станува збор за дела сторени од страна на службени лица“,
рече Давиткова, пренесе МИА.
Како олеснителни околности, посочи, Судот ги ценел личните, семејните и материјалните услови на обвинетите. Причините за донесувањето на ваквата одлука, судијката појасни дека ќе бидат детално образложени во писмено изготвената пресуда против која странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
Според обвинителниот акт, Арифи побарал имотна корист од 20 000 евра за да овозможи прием на пациентка во тешка здравствена состојба во установата со која раководел. Амити, кој го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума, по што бил фатен на самото место од полицијата.
Обвинетите во текот на судскиот процес изјавија дека не се чувствуваат виновни и ги негираа наводите од обвинението.
Судот при одлучувањето ги ценел изведените материјални докази, исказите на сведоците и завршните зборови на странките, при што оценил дека се докажани сите елементи на кривичните дела.
Одбраната ќе се жали на пресудата
Адвокатот Скендер Мехмеди, кој е бранител на Мухсин Арифи и Блерим Амити, изрази незадоволство од пресудата за двајцата обвинети во случајот и најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд во Скопје.
„Не сум задоволен од висината на казната којашто беше изречена за двајцата обвинети и следствено на тоа наше право е да поднесеме жалба и ќе поднесеме жалба до Апелацискиот суд Скопје“,
изјави Мехмеди во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата.
Според него, судот при донесувањето на пресудата можел повеќе да го цени однесувањето на обвинетите, особено во делот на одлуката за притвор.
„Во однос на притворот, исто така, не сме задоволни бидејќи сметаме дека согласно висината на казната, начинот на извршување и сите околности во предметот, како и однесувањето на самиот обвинет, во услови кога едниот обвинет се брани од слобода, судот можеше во најмала рака да изрече мерка куќен притвор или други мерки за обезбедување“,
рече адвокатот.

Прашан како го коментира тоа што при образложението на пресудата судијката Ленка Давиткова посочи дека делото било извршено на дрзок начин, Мехмеди кусо одговори дека ќе коментира откако писмено ќе ја добие пресудата.
Од друга страна, обвинителката Искра Хаџи Василева, која го води случајот, изјави дека Обвинителството е задоволно од тоа што Судот ги прифатил аргументите и што е докажана вината на обвинетите.
„Денес беше објавена пресудата во овој предмет. Изречена е четиригодишна затворска казна за првообвинетиот Мухсин Арифи и една година и десет месеци за второобвинетиот Блерим Амити. Обвинителството е задоволно што Судот ги прифати аргументите и успеа да ја докаже вината на обвинетите“,
рече Хаџи Василева во изјава за медиумите.
Во однос на висината на казните, посочи, Обвинителството ќе го почека писменото образложение на пресудата.
„Во однос на казните, ќе ја почекаме писмено изготвената пресуда, ќе ги разгледаме причините подетално и потоа ќе заземеме став дали вака изречената казна е доволна“,
изјави Хаџи Василева.
