Од МВР велат дека граѓаните треба да ги проверат пораките кои мора да се пристигнати од испраќач со ознака “MVR-SC”

Министерството за внатрешни работи (МВР) упати апел до граѓаните да бидат внимателни поради појава на нови фишинг-напади. Од МВР велат дека се испраќаат лажни СМС и електронски пораки кои наводно се во име на системот „Безбеден град“, со цел да се извлечат пари и лични податоци од граѓаните.
Граѓаните добиваат порака во која се тврди дека направиле сообраќаен прекршок. Во пораката е наведен лажен линк кој води до веб-страница каде од корисникот се бара да изврши уплата за наводен сообраќаен прекршок.
Од МВР велат дека граѓаните треба да ги проверат пораките кои мора да се пристигнати од испраќач со ознака “MVR-SC”.
Исто така, текстот задолжително мора да ја содржи регистарската ознака на возилото, а официјалниот линк од кој стигнуваат пораките е https://safecountry.mvr.gov.mk…
Од МВР велат дека граѓаните никогаш не треба да отвораат сомнителни линкови, да не се споделуваат броеви на картички, лозинки или ПИН-кодови преку СМС или социјални мрежи. Освен ова, треба да се провери адресата на испраќачот – институциите користат само официјални државни домени.
Граѓаните, велат од МВР, треба да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на сметките.
„Секторот за компјутерски криминал веќе работи на откривање и санкционирање на сторителите на овие измами“,
велат од МВР.
Доколку граѓаните добијат ваква порака, од МВР велат дека треба да се пријави во банка или во надлежна институција.
