Самитот се организира на иницијатива на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта
В четврток во Брисел ќе се одржи вонреден самит на шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), на кој треба да се расправа за новите тензии меѓу ЕУ и САД околу Гренланд, соопшти денеска прес-службата на Европскиот совет.

Портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил рече дека ЕУ се обидува да избегне ескалација, како и воведување тарифи, додавајќи дека тие не се добри за никого.
Самитот се организира на иницијатива на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Кошта објави дека во наредните денови ќе свика вонреден состанок на Европскиот совет поради настаните поврзани со Гренланд и рече дека Брисел останува посветен на почитување на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет.
Според него, земјите-членки на ЕУ, по консултациите за тензиите поврзани со Гренланд, го потврдија верувањето дека мирот и безбедноста на Арктикот се заеднички трансатлантски интерес, првенствено преку соработка во рамките на НАТО.
Изминатиов викенд, претседателот на Европскиот совет одржа консултации со земјите членки на ЕУ, на кои, како што рече, било потврдено единството во принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет, вклучително и единството во поддршка и солидарност со Данска и Гренланд.
Американскиот претседател Доналд Трамп завчера најави дека Соединетите Американски Држави ќе воведат царини од 10 отсто за осум европски земји кои се спротивставуваат на неговата намера за преземање на контролата врз Гренланд. Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, тој соопшти дека мерката стапува во сила од 1 февруари.
Царините ќе се зголемат на 25 отсто од 1 јуни и ќе продолжат да важат сѐ додека не се постигне договор за Гренланд.
