Особено загрижувачко, како што посочи портпаролката на партијата, е назначувањето на началникот на Регионалниот сектор за гранични работи при МВР со седиште во Охрид. По повеќе од две децении албанска застапеност на оваа функција, вели таа, во 2025 година се назначува македонски кадар од Кичево, со што целосно се игнорира принципот на континуитет на правичната застапеност и демографската реалност
Владата преку Министерството за внатрешни работи (МВР) подготвува законски измени и нова систематизација на работите места што директно го нарушуваат институционалниот статус на градовите Струга, Дебар и Кичево. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Њомза Асани Шаќири, портпаролката на Алијанса за Албанците (АА) на Арбен Таравари, посочувајќи дека партијата има обврска да реагира на овие информации што кружат во јавноста.

Според измените, како што рече таа, Подрачната единица за внатрешни работи Струга-Дебар-Кичево се предвидува да биде деградирана во единица од втора категорија, при што ќе ги изгуби основните оперативни надлежности, командна структура и функционална автномија.
„Сите надлежности се предвидува да бидат префрлени под јурусдикција на Секторот за внатрешни работи во Охрид“,
рече таа.
Според неа, во градовите со албанско мнозинство не се предвидуваат клучни раководни позиции во безбедносните структури, како што се началник на полицијата, началник на одделението за борба против криминал, заменик-командир во полициските станици.
„Систематското укинување на овие позиции претставува сериозен удар врз институционалната застапеност на Албанците и реален ризик за локалната безбедност и довербата на граѓаните во државните институции“,
вели портпаролката на АА на Таравари.
Особено загрижувачко, како што посочи, е назначувањето на началникот на Регионалниот сектор за гранични работи при МВР со седиште во Охрид.
„По повеќе од две децении албанска застапеност на оваа функција, во 2025 година се назначува македонски кадар од Кичево, со што целосно се игнорира принципот на континуитет на правичната застапеност и демографската реалност. Овој чекор не е изолиран, ниту случаен. Тој директно ги нарушува уставните принципи на еднаквост, соодветна застапеност и меѓуетничка кохезија, а воедно ја поткопува довербата меѓу заедниците во државата“,
кажа Асани Шаќири.
АА на Таравари упатува повик до претставниците на владејачката коалиција ВЛЕН да преземат политичка одговорност и да реагираат во заштита на интересите на албанските граѓани во Струга, Дебар и Кичево.
Оттаму додаваат и дека нема да дозволат преку административни одлуки или политички маневри да се укине институционалната застапеност на Албанците и да се погази принципот на еднаквост во државата.
