Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Водици носи силна порака за верата, храброста и за подготвеноста да се оди по исправниот пат, дури и кога тој е тежок. Богојавление, додава премиерот, е празник на откровението, прочистувањето и обновата – ден кога водата, како извор на живот, е потсетник на потребата од духовна и морална чистота. Денешниот ден, како што вели, е потсетник и за важноста на заедништвото
Државниот врв во земјава им го честита празникот Богојавление на православните верници.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Водици носи силна порака за верата, храброста и за подготвеноста да се оди по исправниот пат, дури и кога тој е тежок. Богојавление, додава премиерот во честитката, е празник на откровението, прочистувањето и обновата – ден кога водата, како извор на живот, е потсетник на потребата од духовна и морална чистота. Денешниот ден, како што вели, е потсетник и за важноста на заедништвото.
„Во овие моменти луѓето се собираат, се поддржуваат и ја споделуваат радоста, покажувајќи дека заедницата е најсилна кога е обединета околу вредности што нè надминуваат сите нас поединечно. Посебно место имаат младите. Нивната смелост и вера се потсетник дека иднината се гради со карактер, со воспитување и со почит кон традицијата. Наша заедничка обврска е да создадеме средина во која ќе растат со силно чувство на припадност и одговорност кон општеството. Да останеме верни на вредностите што нè држат исправени и обединети и да продолжиме да ја градиме државата со чесност, солидарност и грижа за заедничкото добро“,
пишува Мицкоски во честитката до верниците.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изрази уверување дека осветувањето на водите ќе ни помогне, како што вели, да ги надраснеме малодушноста и летаргијата, и ќе нè инспирира на добродетелство и на грижа за блиските и за заедницата. Божественото во себе, додава претседателката, може да се разбуди само со благост, внимание, солидарност и емпатија.
„Свесни дека човештвото е соочено со длабока криза и со тешки искушенија, мора да почнеме да се менуваме себеси, ако сакаме да го промениме општеството. Само морални и мудри индивидуи создаваат силни заедници чии напредок и благосостојба никогаш не се на сметка на туѓата болка и страдање. Сплотени да се обидеме да придонесеме за среќна и пристојна сегашност, и благословена и просперитетна иднина“,
порача Сиљановска-Давкова.
Во име на Собранието и во свое лично име, Богојавление го честита и собранискиот спикер Африм Гаши.
„Овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи нѐ на значењето на заедништвото и посветеноста во градењето на напредна и праведна држава. На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови да владеат здравјето, благосостојбата и спокојот“,
пишува Гаши во честитката до верниците.
