Во објавата се наведува дека Европскиот парламент нема да ја продолжи ратификацијата на договорот потпишан во јули помеѓу Трамп и фон дер Лајен
Неизвесна е иднината на трансатлантскиот трговски договор меѓу ЕУ и САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави нови царини за неколку европски држави, пишува „Политико“. Повикувајќи се на изјава на претседателот на Европската народна партија, Манфред Вебер, во објавата се наведува дека Европскиот парламент нема да ја продолжи ратификацијата на договорот потпишан од Трамп и од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот јули.
Парламентот, како што пишува, нема да гласа за пакт што би поставил американски тарифи за увоз од ЕУ на 15 проценти во замена за немање тарифи за американскиот извоз.
„ЕПП е за трговски договор меѓу ЕУ и САД, но со оглед на заканите на Доналд Трамп во врска со Гренланд, одобрувањето не е можно во оваа фаза. Тарифите од 0 проценти за американските производи мора да бидат ставени на чекање“,
вели Вебер.
Одлуката за замрзнување на ратификацијата беше одложена уште во средата поради случувањата поврзани со Гренланд, а гласањето во Европскиот парламент се очекуваше да се случи на 26 јануари.
Членовите на Европскиот парламент, како што се наведува, нагласуваат дека ЕУ мора да се подготви за одговор.
Одлуката на Трамп за воведување нови царини кон осум европски држави поради Гренланд предизвика остри реакции кај европските лидери.
Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, порача дека воведувањето царини би ги поткопало трансатлантските односи и би ризикувало опасна негативна спирала.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Соединетите Американски Држави ќе воведат царини од 10 проценти за осум европски земји кои се спротивставуваат на неговата намера за преземање на контролата врз Гренланд. Во објава на социјалната мрежа Трут соушл, тој соопшти дека мерката стапува во сила од 1 февруари.
Царините ќе се зголемат на 25 проценти од 1 јуни и ќе продолжат да важат сѐ додека не се постигне договор за Гренланд.
Според најавите на Трамп, царините се воведуваат за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска.
