Веднаш е преземена мерка за забрана на движењето на ратраците на операторите што не ги исполнуваат законските услови. Но, притоа вработените од Националниот парк „Шар Планина“ се попречувани од операторот со движење на ратраците, со што директно е загрозена нивната безбедност и дополнително е оневозможено спроведување на задачите предвидени со Законот за заштита на природата
Регистрирани се пет возила ратраци што превезувале скијачи без дозвола од Националниот парк „Шар Планина“ во зоната на Попова Шапка. Како што денеска информираат од оваа установа, на терен се извршени контроли со цел спроведување на важечката законска регулатива и заштитата на природните вредности на паркот.

„При теренските контроли, на државен имот е констатирано вршење на дејноста скијање со пет возила ратраци од страна на одреден оператор кој нема склучено договор, односно соодветна спогодба со Јавната установа Национален парк ‘Шар Планина‘, како што е предвидено со Одлуката за режимот на движење со моторни возила на територијата на паркот и со Планот за управување со паркот“,
велат од установата.
По извршените контроли, според надлежните во установата, веднаш е преземена мерка за забрана на движењето на ратраците на операторите што не ги исполнуваат законските услови. Но, вработените од оваа институција се попречувани од операторот со движење на ратраците, со што е оневозможено спроведување на задачите предвидени со Законот за заштита на природата, но и е создаден директен ризик за нивната безбедност.
Од ЈУ Национален парк „Шар Планина“ соопштија дека за настанот ќе биде поднесена пријава до Министерството за внатрешни работи (МВР) и до Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање.
Оттаму додаваат дека ренџерската служба на Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ ќе продолжи со редовни и интензивирани теренски контроли во согласност со надлежностите утврдени со Законот за заштита на природата.
