На прашањето дали стоте дена мандат на техничката влада пред избори ја парализира државата, Тренчевска одговара дека одредени работи се во застој, но оти таа е неопходна за да има фер и демократски избори

Ниту институциите ниту власта се демократски зрели за во овој момент да се укине техничката влада, вели Јована Тренчевска, потпретседателка на СДСМ и пратеничка во Собранието. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, таа додава дека инструментот техничка влада еднократно бил договорен во 2016 година, но на барање на Христијан Мицкоски, како лидер на опозицијата, било прифатено да важи и за изборите во 2020 г.
Нејзината изјава доаѓа по онаа на премиерот Мицкоски дадена по лидерската средна, во која рече дека ако кај СДСМ нема согласност за укинување на техничката влада од следните избори, тоа да важи од оние по нив.
Тренчевска: Ова е прашање за коешто мора да се разговара. Ние во моментот, институциите го немаат тој демократски капацитет, ниту, пак, власта е демократски зрела за да може да се укине техничката влада.
„360 степени“: Зошто мислите така? Нели изборите во 2024 г. беа фер?
Тренчевска: Па, не беа фер. Видете го влијанието на МВР и на центрите за социјална работа, односно на Министерството за социјална политика во општините и како се вршеше притисок врз граѓаните преку овие две институции. А овие две институции се дел од техничката влада и не случајно таму имаме технички министри.
„360 степени“: Госпоѓо Тренчевска, ако реши власта, може да донесе одлука со којашто ќе ја остави техничката влада за изборите што следуваат, а да ја укине за понатаму. Како ќе се поставите вие во таква ситуација?
Тренчевска: Ако реши власта, може многу работи да направи. Меѓутоа, треба да се почитува она што било пракса досега, а тоа е дека за ова прашање секогаш се решава со консензус. Во спротивно, власта ќе покаже дека нема демократски капацитет и дека сето она што е пракса го поништува.
На прашањето, пак, дали стоте дена мандат на техничка влада пред избори ја парализира државата, Тренчевска одговара дека одредени работи се во застој, но дека таа е неопходна за да има фер и демократски избори.
„Апсолутно придонесува притисокот врз граѓаните да биде помал од моменталната власт“,
вели Тренчевска.
