Потпретседателката на опозициската партија вели дека не сакале да бидат дел од лажен дијалог помеѓу опозицијата и власта ниту да бидат алиби за намерите на власта за предвремени избори по однапред подготвено сценарио со укинување на техничката влада

Одлуката на СДСМ да не учествува на лидерската средба што се одржа на 14 јануари е исправна, бидејќи сметаме дека не треба да бидеме дел од лажен дијалог помеѓу опозицијата и власта, а воедно не смееме да дозволиме да бидеме алиби на намерите на власта за предвремени избори по однапред подготвено сценарио со укинување на техничката влада, рече потпретседателката на СДСМ и пратеничка во Собранието, Јована Тренчевска во гостување на „360 степени“ на МРТ 1.
Таа додава дека лидерската средба била манипулативно поставена, бидејќи единствените прашања за кои се разговарало биле техничката влада и законот за прекршоци, додека за Реформската агенда, како и носење на закони од она што е наша обврска кон Европската Унија, немало ниту збор.
„Нашиот претседател уште во март 2025 година повика на лидерска средба да се разговара за Реформската агенда. И во тој период нашите обврски беа најпрво до јуни 2025 година да се донесе тој пакет од закони, дел од нив, и дел до декември. Тоа беше моментот кога требаше да се разговара и да се исполнат сите обврски, да се договориме како политички чинители во Собранието и да ги забрзаме процесите на донесување на овие закони за да ги исполниме обврските кон Европската Унија“,
кажа Тренчевска.
Пратеничката вели дека по тогашната средба на Христијан Мицкоски и Венко Филипче и подадената рака помеѓу лидерите на партиите, она што било договорено во однос на Реформската агенда не било исполнето.
„Беше договорено да се дадат предлози, дадовме одредени предлози, меѓутоа ништо од тоа не беше прифатено. Ние пред сè тргнавме од сето она што ни е обврска кон Европската Унија, сите оние препораки што ги имаме добиено и од Венецијанската комисија и од Оценската мисија“,
изјави таа.

Во однос на коментарите од ВМРО-ДПМНЕ дека со отсуството од лидерската СДСМ се самоизолира и оти на овој начин ги заменуваат улогите со Левица, таа вели оти тоа не може да биде случај бидејќи СДСМ е најголема опозициска партија во моментов, за разлика од Левица која не ужива иста поддршка како нив.
На новинарско прашање зошто лидерот на СДСМ имал проблем да отиде на средбата и да му соопшти на премиерот пред останатите присутни оти Реформската агенда не е еден од приоритетите на власта, Тренчевска повтори дека не сакаат да бидат алиби на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, дополнувајќи оти нивните ставови се јасни и јавно искажани. Во однос на последиците од нивното неприсуство, на пример со непоканување на нивниот координатор во Собранието на средбите за законот за прекршоци и изборот на омбудсман, потпретседателката на СДСМ одговори:
„Тргнуваме од логиката дека ако не сме присуствувале на лидерската средба, координаторот не е повикан и на овие средби во Собранието. по кои во одреден момент беше јавено дека има договор, требаше во петокот да има закажано седница да се донесе законот за прекршоци, како и изборот на народниот правобранител, што впрочем е неспособност на власта во изминатиот период да не биде избран омбудсман. Институцијата е едноставно блокирана во нејзиното функционирање“.
