„Многу е лицемерно да оставиш социјалниот дијалог да се води помеѓу работодавците и синдикатот. Ние имаме трипартитен социјален дијалог. Значи, вклученоста и на Владата е важна“, вели потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, за ставот на Владата дека ќе поддржи сè што ќе се договорат работодавците и работниците

Владата треба да интервенира во социјалниот дијалог меѓу работодавците и синдикатите за изнаоѓање решение за минималната плата, вели потпретседателката на СДСМ, пратеничка и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во интервју за „360 степени“ на МРТ1.
„Ние ја донесовме методологијата за пресметка на минималната плата и нејзин постојан раст, меѓутоа сме носеле и политички одлуки за зголемување на минималната плата. Зависи од моменталниот контекст во општеството. Во моментот и минатата година синдикатите не се согласуваа затоа што трошоците на живот многу брзо растат. И затоа тие рекоа мора да имаме политичка одлука за зголемување, интервентно зголемување на минималната плата. И не можеш, многу е лицемерно да оставиш социјалниот дијалог да се води помеѓу работодавците и синдикатот. Ние имаме трипартитен социјален дијалог. Значи, вклученоста и на Владата е важна. Никогаш работодавците и синдикатите нема да се договорат за зголемување на платата. Владата е таа што треба да интервенира во тој социјален дијалог и да донесе решение коешто ќе одговара и на работодавците, меѓутоа ќе ги заштити и работниците“,
вели Тренчевска.
Во однос на барањата на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и најавите за протести, Тренчевска вели дека поддржуваат секаква активност којашто ќе донесе повеќе приход кај семејствата. Односот кон работничките права од власта и од опозицијата, според Тренчевска, се темели и на идеолошките разлики.
„Една од најуспешните политики во минатото на СДСМ се токму покачувањето на минималната плата, покачувањето на останатите плати и растот на просечната плата. Дел од вредносниот систем на социјалдемократијата е токму грижата за работниците и грижата за синдикатот. Нашиот интерес е свртен кон работниците, нивниот (на власта, н.з.) кон капиталот. И затоа оставаат капиталот да се договори со работниците, а такво нешто никогаш нема да се случи“,
додава Тренчевска.
