Директорката на болницата, д-р Гордана Ѓорчева-Камчева, рече дека во деновите додека било хоспитализирано имало уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање
Министерството за здравство бара Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши инспекциски надзор во Општата болница во Кавадарци за случајот со починатото двомесечно бебе.

Од Општата болница Кавадарци денеска соопштија дека бебето со иницијали У. М. на возраст од два месеци било примено на 12 јануари годинава на Одделот за педијатрија поради обилно повраќање по хранењето.
Директорката на болницата, д-р Гордана Ѓорчева-Камчева, рече дека во деновите додека било хоспитализирано имало уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање.
Мајката, откако вчера забележала дека бебето не дише, веднаш побарала помош. Биле повикани дежурен педијатар и анестезиолог кои 35 минути, со соодветна терапија, се обидувале да го реанимираат бебето, но напорите биле без успех.
Директорката вели дека по констатирањето на смртта, согласно законските процедури, биле известени надлежните служби, како Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
Од Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес денеска информираа дека случајот со починатото бебе бил пријавен вчера во ОВР Кавадарци околу 21:35 часот.
