Директорката на болницата вели дека дежурен педијатар и анестезиолог 35 минути, со соодветна терапија, се обидувале да го реанимираат бебето, но напорите биле без успех

Двомесечното бебе што синоќа почина во болницата во Кавадрци било примено на Одделот за педијатрија поради обилно повраќање по хранење.
Директорката на Општата болница Кавадарци, д-р Гордана Ѓорчева-Камчева, во денешното соопштение до јавноста појасни дека бебето било примено на 12 јануари.
Во деновите додека било хоспитализирано, директорката рече дека бебето имало уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање.
Мајката, откако вчера забележала дека бебето не дише, веднаш побарала помош. Биле повикани дежурен педијатар и анестезиолог кои 35 минути, со соодветна терапија, се обидувале да го реанимираат бебето, но напорите биле без успех.
Директорката вели дека по констатирањето на смртта, согласно законските процедури, известени биле надлежните служби – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
„Земени се изјави од родителите и од дежурниот медицински персонал, по што телото на доенчето е предадено на обдукција, со цел утврдување на точната причина за смртта“,
додава директорката.
Денеска од Секторот за внатрешни работи информираа дека случајот бил пријавен во ОВР Кавадарци вчера околу 21:35 часот и оти бебето било хоспитализирано на 12 јануари годинава.
