Пронајдената криумчарена стока е запленета, а поднесена е и кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама
Царинската управа информира дека е откриена фирма која без лиценца, нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Фирмата ги внесувала поштенските пратки со возила преку граничен премин без да ги пријави на цариниците, а потоа нелегално ги складирала во сопствен магацин, од каде што ги доставувала до нарачателите и им ја наплаќала услугата.

Во моментот на претресот во фирмата, извршен од страна на Царината, Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, биле пронајдени 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 000 денари.
Пронајдената криумчарена стока е запленета, а поднесена е и кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.
Од Царинската управа велат дека и натаму ќе продолжат со засилени контроли со цел откривање и спречување на сите облици на незаконско работење.
