„Најголемиот дел од компаниите се согласија враќањето на солидарниот данок да биде на две рати, тоа е март 2026 година и март 2027 година. Обрасците се подготвени, спремни, Управата за јавни приходи во најкраток рок сето тоа треба да го објави на нивната страна, така што очекувам, еве го март, за отприлика некаде два месеци првиот дел или првата половина од износот на солидарниот данок компаниите да го добијат назад“, изјави денеска министерката за финансии одговарајќи на новинарско прашање
Данокот на солидарност државата ќе им го враќа на компаниите на две рати, од кои првата ќе биде исплатена во март годинава, другата во истиот месец следната година. Ова го потврди министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, рече дека најголем дел од компаниите се согласиле на ваквата динамика на исплата.

За потсетување, државата треба да им враќа пари на дел од компаниите откако во февруари лани Уставниот суд го поништи Законот за солидарен данок кој беше воведен од претходната влада како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра).
Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од енергетската криза во тој период.
Со поништувањето на Законот за данок на солидарност државата од буџетот ќе треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании, кои ја платиле оваа давачка согласно сега веќе поништениот закон.
Министерката за финансии изјави дека конечните листи се веќе направени, обрасците се подготвени и Управата за јавни приходи треба во најбрз можен рок да ги објави на својата веб-страница.
„Најголемиот дел од компаниите се согласија враќањето на солидарниот данок да биде на две рати, тоа е март 2026 година и март 2027 година. Обрасците се подготвени, спремни, Управата за јавни приходи во најкраток рок сето тоа треба да го објави на нивната страна, така што очекувам, еве го март, за отприлика некаде два месеци, првиот дел или првата половина од износот на солидарниот данок компаниите да го добијат назад“,
рече Димитриеска-Кочоска.
За дел од компаниите што не се согласиле солидарниот данок да биде исплатен на две рати, министерката рече дека не е пресметано за колкава сума станува збор за нив бидејќи имаат намера уште еднаш да разговараат, а за тоа, како што кажа, „до март има време и простор да се убедиме“.
Димитриеска-Кочоска беше прашана и што планира Министерството за финансии да прави откако Уставниот суд го поништил Законот за минимален глобален данок на добивка. Таа одговори дека првпат слуша оти е поништен овој закон, но, ако такво нешто навистина се случило, тоа би било голема штета за државата.
Инаку, Уставниот суд на седницата одржана на 19 ноември минатата година одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 54 став 1 во делот „2024 година 10%“, став 2 во делот „2024 година 8%“ и член 59 став 1 од Законот за минимален глобален данок на добивка.
Како што е наведено во образложението на Уставен, Судот утврдил дека постои повратно дејство на Законот, спротивно на уставната забрана од член 52 став 4 од Уставот, според која законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Конечна одлука за овој Закон, како што може да се види на веб-страницата на Уставниот суд, сè уште не е донесена.

Целта на Законот за минимален глобален данок, како што кажа денеска министерката, е да не избегаат парите на странските компании коишто имаат свои претставништва и производствени капацитети во земјава.
„Целта на минималниот глобален данок е да не избегаат парите и компаниите да ги платат во нивните матични земји, туку да ги платат тука. Значи компаниите не можат да избегаат од обврската да го платат тој данок. До овој момент немам информација дека е укинат, ниту било што друго, затоа што тоа е нешто што се воведе, би рекла, на светско ниво, ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) го спроведуваше и морам да кажам дека тука направивме закон идентичен како во сите останати земји. Дури и подзаконските акти ги носевме речиси на крајот на годината од причина што чекавме и другите земји да ги подготват подзаконските акти, бидејќи и мала разлика во законот или во подзаконските акти може да значи дека државата во која некоја компанија има седиште на фирмата мајка, доколку има различна пресметка на данокот од нашата, тие ќе си платат таму, односно разликата ќе ја платат таму“,
рече Димитриеска-Кочоска.
Таа уште еднаш повтори дека ако навистина законот е поништен тоа значи дека некој очигледно работи против оваа држава.
„Мора тоа така да го кажам, ќе ми простат сите што така се изразувам, но пак ќе кажам, за данок којшто треба да се плати и којшто ако не се плати тука, ќе се плати во матичната земја, навистина е поразително да носиме одлуки со кои ќе се откажеме од нешто што компанијата секако ќе го плати“,
кажа министерката за финансии.
