„Наша одговорност како држава е прво да дадеме објективен одговор, да го осудиме настанот, а потоа нашите институции максимално брзо да ги преземат сите потребни дејствија“, вели министерот за надворешни работи и надворепна трговија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински денеска го осуди вчерашниот инцидент кога непознато лице скрши стакло на влезната врата од објектот во кој е сместена Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Како што рече, според првичните информации се работи за изолиран случај во кој е причинета материјална штета, но не во голем обем.

„Максимално го осудуваме инцидентит. МВР дава голем фокус на процесот на истрагата и за подетални одговори за истрагата, бидејќи не сакам да и наштетам, би ве упатил да побарате од полицијата. Но, она што би сакал да кажам е дека институционално има брз и ефикасен одговор за самиот настан“,
рече тој во одговор на новинарско прашање за инцидентот со кршење стакло на објектот на бугарската амбасада во Скопје.
Според него, не може да се контролира секој кривично-правен настан што се случува на територијата на држава, посочувајќи дека најважно е оти инцидентот е осуден и веќе се работи на целосно расветлување на случајот.
„Наша одговорност како држава е прво да дадеме објективен одговор, да го осудиме настанот, а потоа нашите институции максимално брзо да ги преземат сите потребни дејствија. Сметам дека од наша страна е максимално коректно одговорено до овој момент. Се надевам дека што побрзо ќе заврши и истрагата од страна на МВР“,
кажа Муцунски.
Македонското МНР вчера го осуди инцидентот со кршење стакло на влезната врата на објектот во кој е сместена бугарската амбасада во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека инцидентот бил забележан преку видеонадзорот на Амбасадата, при што службеник за безбедност пријавил дека едно лице оштетило стакло на влезната врата на објектот.
Оттаму посочија и дека се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на сторителот и за целосно документирање на настанот.
Во меѓувреме, бугарското Министерство за надворешни работи реагираше остро оценувајќи го инцидентот како недозволиво посегнување врз дипломатска мисија и сериозно прекршување на меѓународните норми.
