Ова, посочува Славески, е јасен сигнал дека инфлацијата е стабилна и дека постојат добри основи годината да се заврши со стапка на инфлација под три проценти

Инфлацијата во земјава останува под контрола и покрај регистрираниот месечен раст во декември, вели гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Според неговата објава споделена на социјалната мрежа Икс, статистичкиот пораст од 0,4 отсто на месечно ниво е резултат на поскапувањето на авионскиот превоз.
Гувернерот Славески појаснува дека доколку се изземе категоријата транспорт, каде што цените пораснале за 5,8 отсто, главно поради растот од 42 проценти кај авионскиот превоз, месечната инфлација во декември би изнесувала точно нула проценти.
„Нивото на домашните цени во декември лани се непроменети. Авионскиот превоз е целосно странска компонента“,
пишува Славески.
НИВОТО НА ДОМАШНИТЕ ЦЕНИ ВО ДЕКЕМВРИ 2025 ГОДИНА НЕПРОМЕНЕТО
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) January 9, 2026
🔹Месечната инфлација во декември 2025 година во споредба со претходниот месец изнесува 0,4%;
🔹Растот се должи исклучиво на растот на цените во категоријата “транспорт” во истиот период за цели 5,8%;
🔹Овој податок е…
Ова, посочува тој, е јасен сигнал дека инфлацијата е стабилна и дека постојат добри основи годината да се заврши со стапка на инфлација под три проценти.
Последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека трошоците за животот во 2025 година пораснале за 4,1 отсто во споредба со претходната година, а индексот на цените на мало за 3,6 проценти.
Инфлацијата, мерена преку индексот на трошоците за живот, во декември лани е зголемена за 0,4 отсто во споредба со претходниот месец.
Според податоците од ДЗС, растот на трошоците за живот е резултат на повисоки цени во повеќе сектори. Најзначаен пораст во декември во однос на претходниот месец е забележан во групата транспорт, каде има зголемување од 5,8 отсто.
Во декември лани, во однос на претходниот месец, намалување на трошоците за животот е забележано кај храната и кај безалкохолните пијалаци за 0,4 проценти, и кај облеката и обувките за 0,2 отсто.
